• понеделник, 23 декември 2024

Индикт – почеток на црковната година

Индикт – почеток на црковната година
14 септември 2022 Првиот Вселенски Собор определи црковната година да почнува на 1 септември. Месецот септември кај Евреите беше почеток на граѓанската година (Исх. 23, 16), месец на собирање на плодовите и принесување жртви на благодарност кон Бога. Во времето на ова празнување Господ Исус влезе во синагогата во Назарет и ја отвори книгата на Пророкот Исаија и ги прочита зборовите: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза за да им благовестам на бедните, Ме испрати да лекувам скрушени по срце, да им проповедам на заробените отпуштање и на слепите прогледување; да ја проповедам благопријатната Господова година и денот за одмазда на нашиот Бог“ (Исаија 1 - 2). Уште овој месец септември е значаен во историјата на христијанството по тоа што во него царот Константин Велики ја однесе победата над Максенциј, непријателот на Христовата вера, а на таа слобода уследи слободата на христијанската вероисповед во целото римско царство. Долго време во христијанскиот свет и граѓанската година беше сметана од 1 септември; на 1 јануари се премести најпрво во Западна Европа, а потоа во Русија, во времето на Петар Велики. Индикт Ако ги разгледуваме црковниот календар, кога ќе стигнеме до 1/14 септември ќе видиме дека пишува „Почеток на Индиктот“. Меѓутоа, многумина читајќи го ова, се прашуваат: „Што значи тоа и што е тоа индикт?“ Поимот Индикт е латински збор што означува одредба, објава, која ја издаваа ромејските императори, со цел да се одреди висината на данокот од обработката на земјата, кој требало да го платат поданиците на Рим за прехранување на војската. Оваа одредба траела петнаесет години затоа што на секои петнаесет години биле отпуштани старите војници и се регрутирале нови. Треба да се забележи дека висината на даноците се одредувала од новата сила на војската за следните петнаесет години. Со текот на времето поимот „индикт“ престана да означува само одредба, туку означуваше временски период од 15 години. Така почнаа да го сметаат времето со индиктиони (прв индикт, втор индикт итн.). Прв Константин Велики го определи Индиктот како официјална мерка за време (во 312 или 313 година по Христа) кој почнуваше на 1/14 септември, време кога завршува собирањето на плодовите од земјата. Оваа мерка за време, според името на Константин, Константинов индикт. Црквата го усвои овој систем за мерење на времето и ги мереше годините со индиктиони. Па така црковната година почнуваше од 1/14 септември со патријаршиска Божествена Литургија и посебен свештен Молебен, за да ја благослови Бог новата година. Византискиот император Јустинијан Први во 537 година го воведе мерењето на годините во државните документи и во судските одлуки. Па така пишуваа: во првата година од тој и тој индикт, втората година од тој и тој индикт итн. Со текот на времето се формираа два вида на Индикти: Царскиот, т.е. стариот ромејски кој почнуваше од 1/14 септември и кој продолжи во Византија; и папскиот, кој почнуваше на 25 декември, а подоцна на 1 јануари. На Запад, полека-полека, како почеток на новата година завладеа први јануари, додека на Исток се задржа први септември. Тоа е причината поради која први септември до ден денес се задржа како почеток на црковната година (и на учебната година), откако се воспостави за сите како почеток на граѓанската година први јануари. Треба да се забележи дека, нашата Црква го одреди овој ден за да се чита во свештените храмови зачалото од Евангелието според Лука, во кое се зборува за првата проповед на Христос во синагогата во Назарет (Лука 4,16-18). Индиктионите се бројат од Рождеството Христово. Но, бидејќи хронологијата од раѓањето Христово доцни за три години, па за да најдеме во кој индикт сме сега, на тековната година додаваме 3, па збирот го делиме на 15. Почетокот на школската година од први септември е остаток токму од црковниот индикт. Извор: МПЦ-ОА/Премин

Остани поврзан