• недела, 19 мај 2024

Илјадници Грци се поклонија во Атина пред чудотворната светогорска икона на Богородица

Илјадници Грци се поклонија во Атина пред чудотворната светогорска икона на Богородица

Атина, 16 мај 2023 (МИА) – Илјадници верници во Атина, кои пристигнаа од различни делови на Грција во изминатите две седмици се поклонија пред чудотворната икона на Пресвета Богородица од Света Гора, која специјално беше донесена во грчката метропола, јави дописничката на МИА од Атина.

Иконата заштитничка на светогорските манастири, насликана во ерата на византиското иконоборството во Константинопол и наречена „Аксион ести“ (Достојно е) се изнесува ретко од Света Гора и само во специјални прилики, а ова е осми пат во изминатите 60 години да биде достапна за сите верници да се поклонат пред неа.

Во Соборниот храм во центарот на Атина пристигна на 3 мај, првично беше планирано да остане до вчера, меѓутоа, поради огромниот интерес кај граѓаните и по барањето до Света Гора упатено од поглаварот на Грчката Православна црква, архиепископот Јеронимос, чудотворната икона на полуостровот Атос ќе се врати утре.

Дописничката на МИА од Атина го посети Соборниот храм, поразговара со верниците кои трпеливо чекаа во ред за да влезат во црквата и да се поклонат, а во изминатите денови поради зголемениот интерес се чекаше и по еден час.

-Би чекала и до пет часа, ако е потребно, бидејќи вреди, вели за МИА помлада Гркинка.

Верниците влегуваат во групи од 30-40 лица, на секои десет минути, а Соборниот храм е отворен од рано наутро до полноќ, или како што велат надлежните, додека не влезе и последниот верник.

Неофицијалните процени се дека околу четири до пет илјади граѓани дневно се поклонуваат пред иконата на Богородица, а дел од верниците велат дека воопшто не им пречи да чекаат бидејќи станува збор за ретка и несекојдневна можност.

Особено е голем интересот кај жените, со оглед на тоа дека немаат пристап до Света Гора, каде што се чува иконата во Светиот храм во Кареја.

-Имам многу здравствени проблеми, загубив едно од моите деца, генерално сум верник и често доаѓам во црква. Меѓутоа, за конкретната икона на Пресвета Богородица имав особена желба да се поклонам. Како жена, немам можност да ја видам иконата во Света Гора, вели повозрасна Гркинка за МИА.

Меѓу верниците беа и две жени кои на колена, со лазење влегоа во црквата.

Ова е осми пат иконата да биде изнесена од Света Гора, а во Атина дојде по пауза од 24 години.

Според грчките медиуми, иконата на Пресвета Богородица во минатото била три пати донесена во Атина, во 1963 година за време на прославата на Милениумот на Света Гора, во 1987 година за време на официјалната посета на тогашниот вселенски патријарх и во септември 1999 година по големиот земјотрес.

Во Солун била два пати и по еднаш на Кипар и во градот Комотини. 

Сања Ристовска
Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан