• понеделник, 23 декември 2024

Израел и Палестинците: Нецах Јехуда - баталјонот на израелската армија е загрозен од американските санкции

Израел и Палестинците: Нецах Јехуда - баталјонот на израелската армија е загрозен од американските санкции

25 април 2024

Би-Би-Си Њуз

Израелските политичари луто реагираа на непотврдените извештаи дека Америка има намера да воведе санкции врз баталјонот Нецах Јехуда на израелската армија.

Инфо порталот Аксиос тврди дека овој потег ќе следи поради наводно кршење на човековите права на окупираниот Западен Брег.

Ако тоа се случи, тоа ќе биде првпат американската администрација да воведе санкции за единица на израелската армија.

Израелската војска во неделата соопшти дека „не е свесна за американските санкции“ против баталјонот Нецах Јехуда, додавајќи дека тој е активна борбена единица и работи во согласност со принципите на меѓународното право.

Израелската војска потврди дека „доколку се донесе таква одлука, таа ќе биде разгледана“, нагласувајќи дека војската „ќе продолжи да работи на испитување на секој невообичаен инцидент на практичен начин и во согласност со законот“.

Доколку Стејт департментот воведе санкции за Нецах Јехуда, на единицата ќе и биде забрането да прима каков било вид американска помош или обука, според американски извори.

Во изминатите неколку месеци, во Израел се зголемува гневот поради тоа што харедските Евреи се ослободени од воена служба, за разлика од повеќето други израелски граѓани.

Воениот рок во Израел е задолжителен и трае околу три години за мажи и околу две години за жени.

Израелската јавна радиодифузна корпорација цитираше израелски официјални лица дека Вашингтон постојано барал информации од Израел за резултатите од истрагата за нападите извршени од баталјонот врз Палестинците.

„Врвот на апсурдот“

Извештаите наидоа на гневни реакции од израелскиот премиер.

- Имаме толку многу важни достигнувања, но и болни загуби, рече Нетанјаху во телевизиско обраќање откако армијата потврди дека најмалку 12 војници загинале во вчерашните копнени борби. - Ние

Бенјамин Нетанјаху ги опиша потенцијалните санкции како „врвот на апсурдот и морален надир (ниска точка)“.

Министерот за војна, Бени Ганц рече дека воведувањето американски санкции за единица на израелската армија е „опасен преседан“.

Тој во телефонски разговор со американскиот државен секретар, Ентони Блинкен го повика Вашингтон да ја преиспита очекуваната одлука.

Ганц рече дека воведувањето санкции на баталјонот Нецах Јехуда ќе го „оштети легитимитетот на Израел“ во време на војна.

-Нема оправдување за воведување санкции, бидејќи армиските единици подлежат на наредби во согласност со меѓународното право, рече тој.

Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир повика на запленување на сите средства на палестинската управа кои стигнуваат до неа преку Израел како реакција на предложените санкции на Вашингтон.

Тој го повика премиерот да формулира „низа строги санкции против палестинските банки“.

Бен-Гвир рече дека какви било санкции „би биле во интерес на непријателите на Израел во палестинската управа“.

Тој во февруари објави дека има намера да формира Харедски баталјон во Граничната стража и дека сака да работи на регрутирање ултраортодоксни млади луѓе во Националната гарда, како дел од задолжителната воена служба паралелно со армијата.

Министерот за воен кабинет, Гади Ајзенкот, рече дека воведувањето санкции против баталјонот е „фундаментално погрешно“ и повика на попречување на таа одлука.

Израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич го опиша потегот како „апсолутно лудило и обид да ни се наметне палестинска држава“.

Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид коментираше дека „израелската армија и нејзините лидери се првите на удар од незаконската политика и политичките неуспеси на владата“, но истакна дека санкциите против баталјонот Нецах Јехуда „ би биле грешка која мора да се укине“.

Спротивен глас на сето ова, шефот на израелската Лабуристичка партија, Мерав Микаели, повика на распуштање на бригадата Нецах Јехуда, велејќи дека „насилното и коруптивно однесување“ на баталјонот е познато со години.

Што е бригадата Нецах Јехуда?

Многу харедски Евреи одбиваат да служат во израелската армија затоа што постојано го посветуваат своето време на учење на Тора (првите пет книги од еврејската Библија) и толкување на религиозни книги, според главниот рабин, Јицак Јосеф.

Меѓутоа, не сите млади Хареди посетуваат верски училишта, па некои од нив влегуваат во војска под посебни услови кои гарантираат дека можат да го продолжат своето религиско образование.

„Нахал Хареди“ започна да функционира како непрофитна организација во 1999 година, а членови беа рабините од Хареди.

Тие работеа со Министерството за одбрана и израелската армија за да ги вклучат младите Хареди кои не посетуваат верски училишта.

Оваа соработка резултираше со создавање на баталјонот Нецах Јехуда, составен од илјадници војници Хареди.

Организацијата „Нахал Хареди“ вели дека тие „се придржуваат до принципите и ограничувањата кои им овозможуваат на мажите Хареди да служат на престижни позиции во израелската армија без да го компромитираат начинот на живот на Хареди“.

Првата единица од 30 војници Хареди наречена „Нахал Хареди“, „Нецах Јехуда“ или „Баталјон 9“ е создадена во 1999 година.

Името го добила по цивилната организација која прва предложила воведување на Хареди во армијата.

Израелската армија го формираше првиот борбен баталјон Хареди и дејствуваше во Рамала и Џенин.

Во 2019 година, хебрејскиот весник Yedioth Ahronot објави дека израелската армија одлучила да се префрли баталјонот Нецах Јехуда од Рамала до Џенин.

По, како што весникот ги нарече „низа неуспеси“, портпаролот на израелската армија рече дека баталјонот ќе биде префрлен во Џенин „од оперативни причини“.

Во декември 2022 година, Израел го префрли баталјонот од Западниот Брег, иако армијата негираше дека тоа го сторил поради однесувањето на војниците од баталјонот.

Оттогаш баталјонот дејствува на север.

Во почетокот на 2024 година, баталјонот почна да се бори во Газа, според извештајот на „Ерусалим пост“.

Поранешниот командант на израелската армија Авив Кочави изјави дека бригадата Кфир, во која е баталјонот Нецах Јехуда, сега ќе може да се бори во Либан, Сирија и Газа.

Во моментов, околу 1.000 војници се во баталјонот Нецах Јехуда, или на обука или во борбен капацитет.

Војниците од баталјонот служат вкупно две години и осум месеци во израелската армија.

Според „Тајмс оф Израел“, тие немаат интеракција со женските војници во таа мера во која имаат со машките војници и добиваат дополнително слободно време за молитва и религиозни студии.

Зошто Америка сака да го санкционира овој баталјон?

Членовите на баталјонот Нецах Јехуда се обвинети за убиство на 79-годишниот палестински Американец Омар Асад во јануари 2022 година, по неговото апсење во близина на контролен пункт.

Семејството на Асад рече дека војниците му ставиле лисици на рацете, го заврзале и го оставиле да лежи на земја.

Тој беше пронајден мртов на земја.

По истрагата, израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека имало „морален пропуст на сила и погрешно проценување, истовремено со сериозно нарушување на вредноста на човечкото достоинство“.

По инцидентот, командантот на баталјонот Нецах Јехуда доби опомена, командантот на полкот и командантот на водот беа сменети, а кривичната истрага покрената против војниците беше завршена без да бидат изведени пред суд.

Американскиот Стејт департмент почна да го истражува баталјонот Нецах Јехуда кон крајот на 2022 година, откако неговите војници се вклучија во неколку инциденти на насилство врз палестинските цивили.

Истрагата го вклучи и убиството на Омар Асад, според извештајот објавен од весникот Хаарец.

Од почетокот на израелската војна во Појасот Газа на 7 октомври, Соединетите држави воведоа три контигентни санкции за поединечни доселеници за акти на насилство врз Палестинците.

Што е лихиевиот закон што Вашингтон сака да му го претстави на баталјонот?

Лихиевиот закон забранува видови на американска помош за странски влади за кои е докажано дека ги прекршиле човековите права, според американскиот Стејт департмент.

Забранетата помош вклучува програми за обука на Министерството за одбрана на САД.

Американската странска помош може да продолжи доколку членовите на владата одговорни за таквите прекршувања бидат изведени пред лицето на правдата.

Лихиевиот закон се однесува на „средство за помош на единиците на странските безбедносни сили каде што има веродостојни информации кои ја обвинуваат единицата за сериозни прекршувања на човековите права, велат од Стејт департментот.

Истрагите опфаќаат политички, безбедносни и други прашања за човековите права.

Телата одобрени од американската влада анализираат јавни и тајни досиеја.

Американската влада смета дека „тортурата, вонсудското погубување, присилното исчезнување и законското силување“ се сериозно кршење на човековите права.

Лихиевиот закон се применува кога овие злосторства се докажани.

Лихиевиот закон беше именуван по сенаторот Патрик Лихи, кој се залагаше за мерката кон крајот на 1990-тите. мс/

фото: Википедија/МИА архива/Веб-страница на Нецах Јехуда

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан