• четврток, 05 февруари 2026

Израел врати 54 тела и 66 кутии со човечки останки во Газа

Израел врати 54 тела и 66 кутии со човечки останки во Газа

Тел Авив, 5 февруари 2026 (МИА) - Министерството за здравство на Газа вчера објави дека 54 палестински тела и 66 кутии со човечки останки биле префрлени во Појасот Газа откако Израел ги предал, а испораката била извршена преку Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Министерството соопшти дека телата и останките пристигнале во медицинскиот комплекс Ал-Шифа со возила на Црвениот крст, каде што медицинските тимови веднаш започнале со форензичка обработка во согласност со одобрените медицински процедури.

Се наведува дека во тек е работа за завршување на процесот на испитување и документирање во координација со надлежните органи и специјализираните комитети, пред да им се дозволи на семејствата да ги идентификуваат телата според утврдените протоколи.

Израелската војска продолжи да го прекршува договорот за фазен прекин на огнот што стапи на сила на 10 октомври, и покрај објавата на САД во јануари дека започнала втората фаза.

Таа фаза вклучува дополнителни израелски повлекувања од Газа и започнување на напорите за реконструкција, кои ОН проценуваат дека ќе чинат околу 70 милијарди долари.

Прекинот на огнот стави крај на двегодишната израелска офанзива што започна во октомври 2023 година и во која загинаа речиси 72.000 Палестинци, а повеќе од 171.000 беа ранети, а уништени беа околу 90 проценти од инфраструктурата на Газа, според палестинските бројки. мс/ми/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан