• среда, 25 декември 2024

Изложба на дела од Петар Лубарда, еден од најголемите дарители на МСУ – Скопје

Изложба на дела од Петар Лубарда, еден од најголемите дарители на МСУ – Скопје

Скопје, 1 март 2023 (МИА) - Во Музејот на современата уметност – Скопје вечер ќе биде отворена изложба на дела од уметникот Петар Лубарда. Изложбата е заедничката соработка на министерствата за култура на Црна Гора и Република Северна Македонија, амбасадата на Црна Гора и Музејот на современа уметност - Скопје под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Куратори на изложбата се Благоја Варошанец и Владимир Јанчевски. Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска. Во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес, на изложбата ќе биде претставен сликарскиот опус на Петар Лубарда, најзначајниот уметник и еден од најистакнатите сликари на територијата на поранешна Југославија од втората половина на 20 век.

Во октомври 1963 година, Петар Лубарда ги подарил сите 26 дела од неговата изложба во Ниш, подоцна изложени и во Скопје, со што тој станал, не само еден од првите, туку и меѓу најголемите дарители на МСУ - Скопје. Музејот во својата колекција има вкупно 52 дела, помеѓу кои 40 слики во техника масло на платно и лесонит, два акварели и десет цртежи кои опфаќаат две и пол децении од кариерата на уметникот (1942-1966).

Петар Лубарда (1907–1974) во меѓувоениот период студирал сликарство во Белград и Париз, а од 1932 година до неговата смрт во 1974 година живеел во Белград. Неговиот особено експресивен фигуративен стил, кој се граничи со асоцијативна апстракција, му донесе широко меѓународно признание, вклучително и една од трите меѓународни откупни награди за сликарство на Биеналето во Сао Пауло во 1953 година. После подолго време пошироката јавност ќе има прилика да ги види сите дела на Лубарда од Колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на неговите изложби и донациите. Во време на кризи, катастрофи и воени судири, кои го обременуваат современиот свет, важно е потсетувањето на концептот за солидарност на кој се темели МСУ-Скопје и меѓународната соработка, кои се основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици.

Изложбата ќе биде отворена до 31 март 2023 година. дма/са/

Остани поврзан