• петок, 22 ноември 2024

Изложба на Верче Андонова во Крива Паланка

Изложба на Верче Андонова во Крива Паланка
Крива Паланка, 5 ноември 2021 (МИА) - Во галерискиот простор на Националната установа Центар за култура - Крива Паланка отворена е изложбата на дела од Верче Андонова, лице со попреченост, член на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака"- Штип. Изложени се шеесетина цртежи работени во Арапска техника и ќе биде отворена во следните десетина дена. Директорката на Центарот за култура од Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска упати благодарност за соработката со НУ Универзитетска библиотека „Гоце Делчев" - Штип, организатор на изложбата. - Изложбата на дела од Верче Андонова е дел од проектот што седма година по ред библиотеката го реализира „Книга до инвалидизирани и изнемоштени лица", кој овозможува книгата да биде достапна до секој, да го збогатиме нивниот живот со културни содржини, но и да ги покажеме нивните креативни вештини. Во тој контекст, нашата библиотека ја организира и изложбата на Андонова, која досега гостуваше во десетина градови од државата, изјави библиотекар Соња Манева од Националната установа универзитетска библиотека „Гоце Делчев" - Штип. Авторката на изложбата Андонова нагласи дека техниката ја научила од некој Арап, во дом за деца без родители каде што израснала, а оваа уметност и нуди можност да се релаксира креирајќи. - Нашите членови имаат бројни таленти: вртат, плетат, добро ја владеат математиката или компјутерската технологија, спортуваат... имаат многу нешта кои може да ги прикажеме во секој град, изјави Лилјана Крстевска, претседател на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака" - Штип.ид/фф/

Остани поврзан