• петок, 22 ноември 2024

Изложбата „Предизвици и насоки“ поставена во Созопол до 8 јуни

Изложбата „Предизвици и насоки“ поставена во Созопол до 8 јуни
Скопје, 4 јуни 2021 (МИА) - Изложбата „Предизвици и насоки“, составена од дела на македонски и бугарски современи ликовни уметници, до 8 јуни ќе биде поставена во Созопол. Делата на 12-те автори се изработени во различни техники – сликарство, графика, цртеж, фотографија, а исто така се застапени инсталирани светлечки објекти и видеоарт. Оваа изложба е дел од проектот „Поврзување“ на Културно-информативен центар на Република Северна Македонија во Софија. Изложбата е дел од културната понуда со која КИЦ на РСМ зема учество на десеттиот Меѓународен франкофонски фестивал „Солеј“. Во Градската галерија во Созопол утре, во 18 часот, изложбата ќе биде претставена во присуство на дел од авторите и присутните гости. Концепцијата на кураторот и учесник на изложбата Иво Пецов е да ги претстави размислувањата и предизвиците на уметниците во периодот од почетокот на пандемијата од Ковид-19 до сега. До колку овој глобален проблем ги променува начините на размислување кај авторите и нивната насока во творештвото. Во одговор на овие прашања ликовните уметници, секој поодделно, направија селекција на свои дела и се обидоа преку нив да го претстават нашето време и нашата индивидуална посебност. Во изборот се најнови дела, како и дела создадени порано, кои одговараат на духот на денешното време. Покрај Иво Пецов, вклучени се и уметниците Марјан Ѕингаров - Ѕин од Струмица, Маријана Иванова од Виница и Перица Георгиев – Пепси од Скопје. Македонскиот уметник од Битола Димитар Христов ги испрати своите дела од Берлин. Атанас Ботев учествуваше во изложбата од проектот „Поврзување“ во 2019 година и заедно со Ана Лазаревска и Хари Дудески од Скопје зема учество и во оваа селекција. Тука се делата и на уметникот и поет Роман Кисјов од Софија, кој во минатото има остварено многубројни соработки со македонски автори, најчесто на полето на поезијата. Ликовните уметници и професори во Националната ликовна академија Свилен Стефанов, Росен Тошев и Георги Јанков од Софија исто така се вклучени со свои дела. -Освен ликовните дела, уметниците ги запишаа своите мисли во неколку реченици, како дополнување на визуелниот дел, соопшти Културно-информативен центар на Република Северна Македонија во Софија. мд/дма/

Остани поврзан