• недела, 30 јуни 2024

Излезе од печат најновиот број на „Стожер“ на ДПМ

Излезе од печат најновиот број на „Стожер“ на ДПМ

Скопје, 15 мај 2024 (МИА) - Излезе од печат првиот број за оваа година на ревијата „Стожер“ на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Еден од фокусите на овој број на ревијата - 152 се настаните во Друштвото од минатата година, за што во воведникот пишува главниот уредник Славчо Ковилоски.

Со есеи и студии се застапени Горан Калоѓера, Димитар Пандев, Снежана Младеновска-Анѓелков, Валентина Миронска-Христовска, Марина Цветаноска, коишто се однесуваат на Кочо Рацин, на Свети Климент, на женското писмо, на Григор Прличев и воопшто на македонските работи во 19 век. Продолжение од минатиот број и крај наоѓаат студиите на Мишо Китаноски и Кристина Николовска посветени на историјата на ДПМ и на Венко Андоновски.

Како што информираат од ДПМ, со поетски прилози се застапени Ирена Павлова де Одорико, Зоран Јакимоски, Флора Села-Кастрати, Елена Пренџова, Лидија Размоска-Тримоска, Елизабета Баковска и Јовица Илиќ, со прозен текст Давор Стојановски, додека пак, со критички осврти Гордана Михаилова Бошнакоска, Ефтим Клетников, Васил Тоциновски и Стефан Марковски.

За издвојување се објавените ракописни белешки од предавањата на Димитар Митрев за надреализмот и симболизмот одржани пред првата генерација постдипломци на Филолошкиот факултет во Скопје во учебната 1973/74 година, запишани од Томислав Тодоровски. Исто така, факсимилно е објавена една песна во ракопис од Светлана Христова-Јоциќ.

-Ревијата „Стожер“ продолжува да излегува и понатаму, без разлика на сите случувања во ДПМ. Редакцијата ја сочинуваат: Славчо Ковилоски (главен уредник), Лилјана Пандева, Даниела Андоновска-Трајковска, Каљош Челику и Стефан Марковски (членови). Од 2023 година ревијата „Стожер“ со соодветни удк броеви e каталогизирана во системот COBISS, се вели во соопштението на Друштвото.бт/са/

Фото: плакат

Остани поврзан