• петок, 22 ноември 2024

СБ: Северна Македонија со најмал раст и највисок буџетски дефицит во Западен Балкан

СБ: Северна Македонија со најмал раст и највисок буџетски дефицит во Западен Балкан

Скопје, 19 октомври 2023 (МИА) – Северна Македонија ќе има најнизок економски раст и највисок буџетски дефицит во регионот на Западен Балкан, оценува Светска банка во полугодишниот економски извештај за земјите од Западен Балкан што денеска беше презентиран во Скопје.

Најголем раст од 4,8 проценти се очекува да има Црна Гора по што следи Албанија со 3,6, Косово со 3,2, Босна и Херцеговина со 2,2, Србија со 2. Прогнозите за Северна Македонија за економскиот раст се 1,8 проценти, во 2024 година се очекува раст од 2,5, а во 2025 година раст од 2,9 проценти. 

Јоана Маџоска, економист во Канцеларијата на Светска банка во Скопје, на денешната прес-конференција рече дека растот во земјава почна да забавува во вториот квартал од годинава и од стапка на раст од 2,1 процент во првиот квартал  дојде до 1,1 раст во вториот квартал.

-Растот беше предводен од личната потрошувачка, бидејќи извозот и бруто инвестициите се намалија со намалувањето  на глобалната потрошувачка. И личната потрошувачка забави во споредба со минатата година заради континуираната висока инфлација и забавеното кредитирање кои влијаеја врз куповната моќ на населението, рече Маџоска.

Мерката за зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто, според Маџоска, нема значајно да влијае на инфлацијата зашто станува збор за мал број на производи од кои голем дел не влегуваат во пресметката за инфлација што ја прави Државниот завод за статистика.

-Не очекуваме тоа да има многу големо влијание на стапката на инфлација. Инфлацијата се намалува од месец на месец, но во првите девет месеци од годинава во споредба со истиот период лани инфлацијата е 11,3 проценти. Нашата проекција до крајот на годинава е дека инфлацијата ќе биде 9,1 проценти. Очекуваме дека стапката ќе се намалува, но сепак вкупната инфлација ќе остане голема за цела 2023 година. Можеби вкупната стапка на инфлација се намалува, но базичната инфлација останува подолго висока, рече Маџоска.

Сања Маџаревиќ Шујстер, виш економист за земјите од Западен Балкан, посочи дека за разлика од порано кога улогата на надворешните фактори беше главна за инфлацијата во земјава, сега тоа се домашните фактори, особено растот на платите во јавниот сектор, заостанатите ефекти од владините мерки, вишокот на побарувачка и големата профитна маржа на компаниите.

-Домашните притисоци врз инфлацијата ги немаше до април. Од април почнаа да се зголемуваат платите и како такви придонесуваат на зголемување на инфлацијата. Тоа се уште не е значително. Сепак зголемувањето на платите во јавниот сектор за 10 проценти ќе влијае на зголемувањето на минималната плата, а со тоа и на просечната плата. Очекуваме овие притисоци врз инфлацијата да се зголемат следната година, рече Маџаревиќ Шујстер и додаде дека се уште не гледаат кога ќе се врати малата стапка на инфлација што Народната банка ја одржуваше со децении.

И зголемувањето на платите во јавниот сектор и кај функционерите, според Маџаревиќ-Шујстер, ќе придонесат за раст на инфлацијата.

-Северна Македонија во последните две години е земја со најголем дефицит во регионот. Треба да бидете свесни дека фискалните ресурси не се неограничени и треба да бидат одржливи за да се одржи стабилноста. Гледам светла насекаде. Тоа не се неограничени ресурси и постои трошок за нивно користење. Обезбедувањето на евтина енергија има свој трошок и гледам влијание од тоа што се одразува на високото ниво на дефицит, многу поголем од просекот на регионот, рече Маџаревиќ Шујстер.

Ако и понатаму продолжи субвенционирањето на цената на електричната енергија базирана на фосилни горива наместо финансирањето во соларна енергија и инвестиции во енергетска ефикасност, според Маџаревиќ-Шујстер, постојано државата ќе се мачи да ги надмине краткорочните предизвици наместо да се движи во насока на зголемување на долгорочната одржливост.

Од Светска банка велат дека се уште е рано за да се оценат ефектите од конфликтот во Израел, но додаваат дека конфликтот во почетната фаза се одрази на зголемувањето на цените на енергијата, особено на нафтата која порасна на 90 долари за барел.

-Понатамошниот тренд ќе зависи од развојот на конфликтот и каков ефект ќе има врз другите земји од регионот, рече Маџоска.

Според прогнозата на Светска банка, се намалува и стапката на сиромаштија во земјава, но со побавно темпо поради високата инфлација.

Во извештајот на Светска банка се наведува дека како резултат на војната во Украина, растот во Западен Балкан продолжи да забавува во текот на 2022 година и во првата половина од 2023 година, а забавувањето на глобалната побарувачка доведе до помало индустриско производство во развиените земји од Европската Унија што најмногу ги погоди Србија и Северна Македонија зашто нивниот извоз е насочен кон развиените земји од Европа и Централна Азија. Растот на туризмот, пак, имал големо позитивно влијание врз Албанија и Црна Гора кои се потпираат на туризмот како основа на нивниот раст,.

Просечниот раст на земјите во Западен Балкан годинава се очекува да изнесува околу 2,5 проценти.

-Растот во земјите од Западен Балкан во 2023 година се очекува да забави на 2,5 отсто, нешто помалку од она што беше прогнозирано во пролетта 2023 година, со можност за постепено закрепнување на среден рок. Меѓутоа, ризиците и понатаму се наклонети кон негативната страна, бидејќи понатамошното забавување во ЕУ и внатрешните структурни прашања би можеле да доведат до понатамошно ревидирање на прогнозите надолу. Исто така, неуспехот инфлацијата да се доведе во рамки на долгорочниот просек како што беше планирано, може уште повеќе да ја погоди домашната побарувачка, истакна Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија и Косово. вј/бак/

Фото: МИА/МИА архива

Остани поврзан