• четврток, 21 ноември 2024

ЗНМ: Срамна постапка на навивачите на Еурофарм Пелистер кон новинарите и неприфатливо отсуство на реакција од страна на клубот

ЗНМ: Срамна постапка на навивачите на Еурофарм Пелистер кон новинарите и неприфатливо отсуство на реакција од страна на клубот

Скопје, 23 октомври 2023 (МИА) - На иницијатива на Секцијата на спортски новинари, Здружението на новинарите на Македонија, остро реагира на вулгарното однесување на дел од навивачите на РК Еурофарм Пелистер кои со крајно навредлива парола се обидоа да го понижат и да се „пресметаат“ со колега коментатор од Македонската телевизија.

Имено во текот на вчерашниот меч во Битола меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар на една од трибините група неодговорни навивачи имаше истакнато безобразен транспарент кој се однесува на колегата Југослав Костовски.

- Секцијата на спортските новинари при ЗНМ искажува револт кон навивачите, но и кон домаќинот на големото ракометно дерби РК Еурофарм Пелистер бидејќи раководството и луѓето задолжени за организација на мечот имаа вовед, две полувремиња, пауза и цели два часа да реагираат и да го отстранат транспарентот или тие што го промовираа на видно место, а тоа не го сторија.

Валканите пресметки на навивачите со новинарите и непостапувањето кон истите не се непознати во нашиот спорт, но сигурно не се начин на кој се градат големите европски спортски колективи. Со самиот факт што Еурофарм Пелистер е наш машки ракометен првак и учесник во групната фаза од Лигата на шампионите тоа ги става битолчани во ситуација да имаат обврска тоа да биде нивна траекторијата на развој што, пак, дефинитивно значи и коректен однос кон известувачите од натпреварите и на домашната и на меѓународна сцена, стои во реакцијата на ЗНМ. 

Од РК Еурофарм Пелистер се уште не излегоа со реакција по овој инцидент. зс/

Остани поврзан