• петок, 22 ноември 2024

Зибери: Недостасува целосна имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост

Зибери: Недостасува целосна имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост
Скопје, 2 март 2022 (МИА) - Уживањето на правата на децата и лицата со попреченост во изминатата деценија не доживеа значаен напредок од објективни, но и субјективни причини. И покрај добрата покриеност со законски и подзаконски регулативи, недостасува доследна и целосна имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост. Ова денеска го заклучи народниот правобранител Насер Зибери на регионалната конференција на тема „Јакнење на Националните институции за човекови права како независни механизми за следење на примената на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост (КПЛП)“, која ја организираат Канцеларијата на ОН во Северна Македонија и Народниот правобранител на Република Северна Македонија. - Нашиот став за унапредување на правата и подобрување на состојбата на лицата со попреченост и натаму останува актуелен. Од особена важност е овие прашања да се разгледуваат низ призма на човекови права и преку пристап заснован на права, на кој впрочем се базира и Конвенцијата, која меѓу другото, налага изнаоѓање начини за почитување, поддршка и промовирање на човековата различност преку создавање услови кои овозможуваат значајно учество на широк опсег на лица, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, нагласи Зибери. Како омбудсман, Зибери смета дека заштитата и промовирањето на правата на лицата со попреченост не треба да се ограничи само на обезбедување услуги поврзани со попреченоста, туку преземање мерки за промена на ставовите и однесувањата кои ги стигматизираат и маргинализираат лицата со попреченост. - Покрај ова, потребно е воспоставување на политики за озозможување практично отстранување на бариерите во пристапот и остварувањето на граѓанските, културните, економските, политичките и социјалните права на лицата со попреченост, рече Зибери. Додаде дека ни претстои долг пат во подобрување на состојбите и целосна инклузија и интерграција на лицата со попреченост, согласно принципите на Конвенцијата. - Предизвиците се системски и долготрајни, но тоа не не обесхрабрува. Свесни сме за овие процеси, исто како и за нашата улога, а Конвенцијата за правата на лицата со попреченост е алатка која ќе ни помогне за да се избориме за правата на овие лица, со учество на лицата со попреченост и нивните организации, рече Зибери. Постојаниот координатор на ОН Росана Дуџак истакна дека само преку дијалог и преку соработка меѓу владите, меѓународните и регионалните организации, граѓанскиот и приватниот сектор можеме ефективно да ја имплементираме Конвенцијата и заложбите за целите за одржлив развој. - Важниот напредок е битен за подобрување на правата на лицата со попреченост, но треба уште многу да се стори за да се забрза инклузивниот развој за лицата со попрченост и нивната целосна разновидност. Имаме улгопа да обезбедиме овие лица да ги уживаат истите стандарди на квалитет, праваи достоинство како и другите членови во општеството бидејќи ние сме национални институции за човекови рпава, ги застапуваме правата на лицата со попреченост, граѓансклито сектор, меѓународните механизми за човекови права, развојните партнери и секако приватниот сектор, нагласи Дуџак. Лицата со попреченост, нагласи таа, треба да бидат консултирани и активно да учествуваат во сите одлуки што ги засегаат нивните улоги. - Тие треба да ги поткрепат владините закони, политики, мерки за да се отстрнат бариерите за пристапот во општеството и да се подобрат услугите во врска со нив. Сржта на активното вклучување на лицата со попреченост и нивните организации, вклучува не само развивање и имплементација но исто така и следењње на полтиките. Националните институции за човекови права имаат важен мандат во заштитата на човекови права и централна улога како независни механизми за следење на имплементацијата на Конвенцијата за правата на децата, рече Дуџак. Заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска Мустафа посочи дека националните институции за човекови права се важен механизам преку кои една држава ја презема обврската да се преземат сите активности за обезбедување и имплементација на човековите права на национално ниво. На конференцијата учество земаа и омбудсманот на Латвија Јурис Јансонс, офицерот за човекови права, оддел за национални институции и регионални механизми, Канцеларија на Високиот комесар за човекови права (ОХЦХР) Женева Луиза Секагаја, како и голем број на претставници на телата на повеќе меѓународни организации кои работат на полето на човековите слободи и права. Во фокусот на дискусиите беше зајакнувањето на улогата и соработката помеѓу Националните институции за човекови права во регионот, кои имаат значајни и широки надлежности во насока на промоција и заштита на човековите права, вклучително и на правата на лицата со сите видови на попреченост. Конференцијата има за цел да овозможи конструктивен дијалог, насочен кон конкретни активности за унапредување на инклузивен, еднаков и одржлив развој во земјите од Западниот Балкан, водејќи се од меѓународните стандарди за човекови права и заложбите на Агендата 2030 дека никој нема да биде изоставен во тој процес. мс/дма/                

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан