• петок, 22 ноември 2024

Земан: Русија со агресијата над Украина не добива ништо, а изгуби сè

Земан: Русија со агресијата над Украина не добива ништо, а изгуби сè
Прага, 23 август 2022 (МИА) - Русија со агресијата над Украина не добива ништо, а изгуби сè. Ова денеска го истакна чешкиот претседател Милош Земан на годишното советување чешки амбасадори во Прага. - Тоа дека војната во Украина е руска агресија, е став, што, барем во чешката политика, го застапуваме речиси сите. Доколку направиме едноставна анализа на трошоци и бенефиции, ќе видиме дека агресијата во Украина за Русија значеше недобивање ништо, а губење практично сè, преку економски загуби поради санкции до материјални и човекови. На крај и губење на угледот, подвлече Земан. Според него, мора реално да се смета на „долга и исцрпувачка војна“. - И тоа затоа што Русија погрешно ја процени нашата реакција. Но, ние дадовме одредена причина со повлекување од Авганистан, додаде тој. Земан ги поддржа праќањето оружје за Украина и примањето бегалци од земјата. Редовното советување чешки амбасадори започна вчера, кога свое обраќање имаше премиерот Петр Фијала. Тој пред амбасадорите нагласи дека приоритет на чешката политика и на претседавањето со Европската унија е да ѝ се помогне на Украина, со што помалку загуби да го издржи конфликтот. Да се запре руската империјална политика и светот да ја спречи Русија, како што тој посочи, како досега да ги уценува останатите држави околу себе. Како една од главните задачи за амбасадорите, Фијала наведе во нивните земји сега што повеќе да се ангажираат Чешка да добие испораки на гас од нови извори или технолошки решенија и инвестиции со што ќе ѝ помогнат да ја прекине зависноста од руските гас и нафта. бд/паг/

Остани поврзан