• вторник, 19 ноември 2024

Здружението „Братство и единство - Тито“ го одбележа Денот на младоста и роденденот на Јосип Броз Тито - 25 Мај

Здружението „Братство и единство - Тито“ го одбележа Денот на младоста и роденденот на Јосип Броз Тито - 25 Мај

Скопје, 25 мај 2023 (МИА) - Со положување цвеќе на споменикот на Јосип Броз Тито, пред истоимената гимназија во центарот на Скопје, членови на Здружението „Братство и единство - Тито“, денеска го одбележаа 25-мај Денот на младоста и роденденот на маршалот и доживотен претседател на поранешна СФРЈ.

Трајан Наковски, секретар на Здружението, кое е произлезено од згаснатата партија Титови леви сили, вели дека Тито е „најзаслужен за стекнувањето на државност и културна самостојност на Македонија како сојузна југословенска република“.  

 - Тито има најголеми заслуги за Македонија и затоа го почитуваме. Како здружение и како партија никогаш нема да се откажеме од него. Во Јајце на 29 ноември 1943 година, кога се одржувало второто заседание на АВНОЈ биле присутни делегации од сите републики, освен од Македонија, која не можела да присутвува од објективни причини. Тогаш Тито истапил и кажал дека во име на Македонците ќе потпише дека Македонија ќе биде шеста република во составот на Демократска Југославија со свој мајчин јазик, историја и култура, вели Наковски, кој потсетува дека по многу напори успеале да го задржат споменикот кој е подигнат од нив во 2013 година. 

Наковски посочува дека приврзаници на делото на Тито има во повеќе општини низ земјава, а на времето само во Скопје партијата имала 10.000 членови. Денес во Здружението ги има над 5.000, но немаат свои простории. Сакаат повторно да ја возобноват партијата Титови леви сили, која згасна по смртта на тогашниот претседател Слободан Угриновски, за што има иницијатива и заинтересираност, вели, од приврзаници од Кочани, Охрид и други градови. 

Денот на младоста - 25 Мај, беше еден од најголемите празници во поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија, а штафетата на младоста, беше главниот симбол. Таа се пренесуваше од младинци околу еден и пол месец низ целата територија на некогашна Југославија, а на 25 мај му се предаваше на Тито на величествен слет, кој се организираше на стадионот ЈНА во Белград. Последната штафета Тито ја прими во 1979 година. Во 1980 година, маршалот почина на 4 мај, а празникот се прославуваше неколку години по неговата смрт до 1988 година.

По распадот на СФР Југославија, Јосип Броз Тито се смета за контроверзна фигура, а во земјава не постои единствен став за неговото наследство. Кај македонските историчари и граѓани преовладуваат два става - дека без Тито земјава ќе имаше повеќе од ова што сега го има, односно дека немаше да го има ни ова што сега го има. вг/сп/

Остани поврзан