• четврток, 15 јануари 2026

Зголемен број на прегледи во кумановскиот Ургентен центар

Зголемен број на прегледи во кумановскиот Ургентен центар

Куманово, 14 јануари 2026 (МИА) - Зголемен е бројот на пациенти во Ургентниот центар во Куманово, соопштија денеска лекарите од таму. Граѓаните најчесто бараат помош за компликации поврзани со  сезонскиот грип и состојби слични на грипот. Во Ургентниот центар, како и во амбулантите, секојдневно се регистрира зголемен број прегледи, особено во попладневните часови и за време на викендите кога примарното здравство не работи. Најчести симптоми кај пациентите се покачена телесна температура, главоболка, болки во мускулите и зглобовите, општа слабост, а во подоцнежна фаза и кашлица и болки во грлото.
- Нема строго дефинирана возрасна група која е најпогодена. Доаѓаат пациенти од сите возрасти. Во Ургентниот центар третираме пациенти над 7 години, а помалите деца најчесто се упатуваат на детското одделение, кое во овој период е особено оптоварено - информираат лекарите Дарко Каранфиловски и Никола Стефановски. Покрај грипот, во претходниот период, за време на магливите денови, евидентирани биле и егзацербации кај пациенти со астма и ХОББ (хронична опструктивна белодробна болест), но во моментот доминираат вирусните инфекции.

Лекарите укажуваат на уште еден проблем, пациентите често доаѓаат или премногу рано или предоцна на преглед.
- Сезонскиот грип има свој природен тек. Почетокот најчесто е со општ инфективен синдром, малаксаност, болки во мускулите и зглобовите, покачена температура. Кај нас често доаѓаат пациенти уште при првите благи симптоми, но и пациенти што се јавуваат дури кога состојбата е значително влошена. Ова укажува на недоволна информираност за текот на болеста и улогата на примарната здравствена заштита - изјави докторите. Тие потенцираат дека матичните лекари имаат клучна улога во едукацијата на пациентите и правилното насочување на терапијата со цел да се растоварат ургентните служби. Лекарите апелираат дека на имунитетот треба да се работи континуирано, а не само во периодот кога грипот веќе масовно се шири.

Имунитетот се зајакнува додека личноста е здрава со балансирана исхрана, доволен сон и редовна физичка активност. Денес постојат и многу витамински препарати, но тие треба да се користат умерено и со препорака од лекар - порачуваат Стефановски и Николовски.

Особено значајна е сезонската вакцинација против грип, која традиционално се спроведува во октомври и ноември, особено за ризичните категории. Во однос на суплементите, медицинската фела предупредува на прекумерна употреба.

- Секој препарат има препорачана дневна доза. Претераното користење може да биде штетно. Витамините се корисни, но во умерени количини - велат лекарите. ам/

Фото: МИА

Остани поврзан