Зголемен број интервенции во 2023 година имале пожарникарите од Кочани
- Територијалната противпожарна единица од Кочани во текот на минатата година имала вкупно 315 интервенции, што е пораст од околу 15 отсто во споредба со претходниот едногодишен период.
Кочани, 9 јануари 2024 (МИА) – Територијалната противпожарна единица од Кочани во текот на минатата година имала вкупно 315 интервенции, што е пораст од околу 15 отсто во споредба со претходниот едногодишен период.
Во согласност со законските обврски, професионалната противпожарна единица ја покрива територијата на трите општини – Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци, а најголем дел од излегувањата на терен биле за гаснење пожари на отворен простор на површина од 1.830 хектари. Останатите интервенции се врз запалени објекти и моторни возила, при поплави, како и за техничка поддршка.
-На територијата на општина Кочани лани имавме двесте интервенции, од што 117 беа за гаснење шумски и пожари на отворен простор во кои беа зафатени 206 хектари. Во Чешиново-Облешево имавме стотина интервенции од кои само четири беа технички, а останатите за гаснење оган на отворено и во шума, на вкупна површина од близу 1.400 хектари. Најмалку повици добивме од општина Зрновци, каде гасневме само шест пожари на земјоделско земјиште. Во трите општини имавме 35 интервенирања врз запалени објекти, десет кај опожарени возила, како и четириесетина технички интревенции. Исто така, им помагавме на колегите од Виница, Штип, Делчево и Пробиштип при спасување од поплави и гаснење пожари, истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.
Поддршка на професионалните пожарникари минатата година им даваа и волонтерите од Доброволното противпожарно друштво – Кочани, кои имале вкупно 85 интервенции.
-Нашата единица лани беше ангажирана при гаснење четириесетина пожари, од кои 38 беа на отворен простор и три врз објекти. Три интервенции имавме за санирање на последиците од поплавени објекти во Кочани и Делчево, а учествувавме и во потрага по исчезнато лице. Останатите активности беа за давање поддршка при разни технички интервенции, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.
Пожарникарите од двете единици во текот на минатата година реализирале и неколку показни вежби за учениците, јавна трибина и други активности за превенција и заштита од пожари и други елементарни непогоди. та/дма/
Фото: МИА