• понеделник, 25 ноември 2024

Зголемена вредноста за првите две делници од пругата кон Бугарија и исплатени провизии за неповлечени средства од 4,6 милиони евра 

Зголемена вредноста за првите две делници од пругата кон Бугарија и исплатени провизии за неповлечени средства од 4,6 милиони евра 

Скопје, 26 јуни 2024 (МИА) -   Зголемена е вредноста на проектите за изградба на  првата и втората фаза од железничката инфраструкрура на Коридор 8 кон исток  започнати во 1996 година и кои се уште не се завршени и платени се провизии за неповлечени средства во износ од 4,6 милиони евра поради неисполнети услови за ефективност на заемот во период од седум години, што укажува на неефикасно управување со овие стратешки проекти.

Ова го констатира Државниот завод за ревизија во извештајот „Реализација на капитални инвестиции финансирани преку буџетот на РСМ, ЕУ фондовите и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа“.

Прегледот од ревизоскиот извештај покажува дека на првата делница од пругата кон Бугарија, Куманово-Бељаковце, до крајот на декеври лани биле реализирани активности  47 проценти од вкупната траса која треба да биде изградена, констатирано е при теренскиот увид од страна на ревизијата.

Согласно податоците во тримесечниот извештај, пак, за периодот октомври–декември 2023 година финансискиот напредок на изведувачот изнесува 17,7 милиони евра.

Во извештајот ДЗР нагласува дека останува неизвесноста за нејзино завршување поради тоа што рокот за реализација истекува во октомври годинава а реализираните активности до денот на ревизијата се 47 проценти од вкупната траса.

Со анализата на доставената документација и прибраните информации за степенот на реализација на проектот ревизијата утврдила дека физичката реализација за првата фаза со првиот изведувач за период од шест години е само 54 проценти, а договорот за изведба на работите пред да биде раскинат во 2020 година финансиски е реализиран во износ од 27,7 милиони евра или во проценти 69,7 проценти. За оваа фаза во јули 2022 година постигнат е договор за спогодбено решавање за побарувањата од изведувачот со што исплатен е надомест на трошоци во износ од 10 милиони евра. Во јули 2022 година избран е нов изведувач и склучен е договор за изградба на износ од 40,4 милиони евра со рок на завршување на работите до 18 октомври 2024 година. Со ова вредноста на проектот се зголемила за 96 проценти од првично планираната со првиот договор, а рок за завршување на проектот поради сите овие  активности на застој, раскинување на договор и избор на нов изведувач пролонгиран е за осум години, со краен рок октомври 2024 година. Поради недоволно средства за финансирање на овој проект од заемот во износ од 46, 4 милиони евра, остатокот од проектот ќе се финансира од заемот за фаза 2 за што во јуни 2023 година е донесена измена на закон, се наведува во Извештајот. 

За втората делница, Бељаковце-Крива Паланка, до крајот на 2023 година согласно податоците во тримесечниот извештај октомври-декември 2023 година добиени од консултантот финансискиот напредок на договорот изнесува 21 милион евра. 

Според динамичкиот план, до крај на декември 2023 година, исплатени се средства во висина од 12,92 проценти од Договорот во вредност од 155 милиони евра, а реализирани се градежни работи од 4,15 проценти. Рокот за завршување на работите е октомври 2025 година. 

Во 2014 година за реализација на овој проект од ЕБОР одобрен е заем во износ од 145 милиони евра. Договорот за заемот не е ефективен седум години поради неисполнети услови предвидени со одредбите од договорот за заем и тоа: склучен Договор за надзор над градбата, и склучен Договор за техничка помош на Единицата за имплементација на проектот. Поради тоа, во 2021 година до прогласување на ефективноста платена е провизија за неповлечени средства во периодот од седум години, во износ од 4,6 милиони евра. 

Изведувачи на работите на првите две делници се Ѓулермак и Штрабаг, а инвестицијата изнесува околу 200 милиони евра. Според претходните најави од Министерството за транспорт првата делница треба да се пушти во октомври годинава,  а втората во февури следната година.

За третата железничка делница, од Крива Паланка до граница со Бугарија, ревизијата укажува дека поради тоа што фазата на планирање и подготвување на проектот трае предолго, постои голем ризик од губење на ИПА грант средствата во износ од 60,765 милиони евра и идни фискални импликации поради потреба од обезбедување на дополнителни средства од Буџетот на државата.

Ревизијата нагласува дека вредноста на проектот е зголемена и изнесува 560 милиони евра и оти наведената состојба носи висок фискален ризик од економски аспект. Во периодот што следи потребно е координирано и навремено дејствување од сите засегнати страни со цел ефикасно управување со проектот и намалување на иден ризик од можна штета и финансиски импликации доколку не се почитуваат договорените обврски, укажува ревизијата.

Локаланта самоуправа на општина Крива Паланка од понеделник ќе спороведе јавна анкета за презентација на деталниот урбанистички план за дел од трасата на железничката пруга кон Република Буга

Оваа делница е проектирана во должина од 23,4 километри, а ќе се градат и 22 тунела, вклучително и еден на граничниот премин), 52 мостови/вијадукти, како и железнички станици кај Крива Паланка и кај село Жидилово.

Според најавите од ЈП ЖРСМ Инфраструктура,  тендерската постапка за избор на изведувач што почна  во декември лани треба да се заокружи во третиот квартал годинава, а  активностите на терен да почнат следната година. Рокот за изградба, според тендерот, е пет години. 

Средствата во износ од 560 милиони евра како проценета вредност за оваа делница се обезбедени со грант од 61 милион евра од ИПА компонентата, 149 милиони евра од ВБИФ и два заеми од ЕБОР и ЕИБ  од по 175 милиони евра. 

Трите проектирани делници на источното крило на Коридорот 8 се со вкупна должина од 89 километри (од Куманово до Бељаковце 31 километар, од Бељаковце до Крива  Паланка 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија 24 километри).

Ревизијата, меѓу останатото, утврдила дека за периодот по 2021 година не е донесена петгодишна Национална
програма за железничка инфраструктура која претходно ја носеше Собранието, а со измените во регулативата сега ја носи Владата.лв/аа/

Фото: МИА архива
 



 

Остани поврзан