• петок, 22 ноември 2024

За првото тридневие на постот во Бигорски, Рајчица и Пречиста над 500 тримирци

За првото тридневие на постот во Бигорски, Рајчица и Пречиста над 500 тримирци

Дебар, 20 март 2024 (МИА) - Во познатите светилишта „Свети Јован Крстител" - Бигорски манастир, „Свети Георгиј Победоносец" во дебарското село Рајчица, како и Пречиста - Кичевско, за првото тридневие на постот престојуваа над 500 верници.


- Прва седмица од Великиот пост, вистински духовен пир, неизмерна наслада, светла радост за душите на оние што Го љубат Бога и сакаат да пребиваат во Негова близина. Зашто ништо друго не ја доближува душата толку блиску до Бога, како што го прави тоа светиот пост, искреното покајание и смирената молитва, велат од Свештената Бигорска Обител.

Додаваат дека сите овие блажени средства за возвишување на душата до Божествените прегратки ги има во изобилие во текот на сите денови на постот, но тие особено доаѓаат до израз во првата седмица.

- Тука е и блажениот тримир, тридневие,  во кое единствена храна и питие за монасите и верниците се умилителните стихири од Посниот Триод, старозаветните раскази, пророштва и мудрости, покајните тропари од Канонот на Св. Андреј Критски, бројните метании, молитвата на Св. Ефрем Сирин. За нашата Обител тоа е навистина едно свештено време, посочуваат од Обителта.

За владиката Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, под чија закрила се и двата други манастири, тоа е време кога најмногу се открива длабочината и убавината на православното богослужение.

Посебна радост е овој тридневен подвиг на толку многу верници, од кои повеќето млади луѓе.

- Голем благослов е што толку многу млади луѓе се решиле да го земат на себе подвигот на тримирот. Нека биде овој тридневен подвиг на многубројните млади христољупци, за спасение на нивните души и душите на нивните ближни, како и за благослов на целиот наш род и на Татковината наша, епископ Антаниски г. Партениј. вт/лв/

Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан