• понеделник, 23 декември 2024

За квалитетно грозје тиквешани со пепел од шпоретот ги ѓубрат лозјата 

За квалитетно грозје тиквешани со пепел од шпоретот ги ѓубрат лозјата 

Кавадарци, 13 април 2024 (МИА) - За квалитетно грозје, тиквешани со пепел од шпоретот ги ѓубрат лозјата.  Стручни лица потврдија за МИА дека пепелта има корисни дејства. Истовремено, со ваквата пракса превентивно се делува против пожари и загадување на воздухот. Бидејќи, како што рекоа нашите соговорници, несовесни палат канти за комунален отпад и контејнери, кога во нив исфрлаат жар и пепел, од семејните огништа. 

Лозарот Дане Јошев ни раскажа дека со децении, со пепелта од шпоретот го ѓубри лозјето. 

- Лозарството е дел од мојот живот уште од мојата десетгодишна возраст. Откако паметам за себе, во текот на зимата секогаш ја собираме пепелта од изгорените дрва во шпоретот. Ја ставаме во железно буре од двеста килограми. Потоа ја носиме на лозјето. Зошто ли? Пепелта е многу корисна. Уште во старо време, уште нашите татковци, ја користеа пепелта, појасни Јошев.

Тој додаде дека порано, лозјата се прскале само два пати, против болестите „пламеница", „пепелница" и „молец". 

- Два пати се сумпурисуваше, против болеста „пепелница". А за сумпур, навечер се сумпурисуваше. Притоа, стававме две кила пепел, едно кило сумпур. Таков беше соодносот. Бидејќи сумпурот е појак, од вечер сумпурисувавме. Сето тоа, за квалитетно грозје. Со години, исто така, пепелта што се собира во железни буриња, потоа се разнесува низ морето од лозја. Затоа што таа е корисна за лозовите насади. Но, корисна е и за други земјоделски култури, како за ѓубрење, така и за уништување на вишок листна вошка и други инсекти, ни рече Јошев, инаку претседател на регионалното здружение „Тиквешки лозароовоштари". 

Тој им препорача на сите оние што досега не го практикувале ова, да почнат да го спроведуваат. 

- Како пензиониран пожарникар, исто така можам да кажам дека покрај што ќе имаат корист во лозјата, лозарите ќе делуваат превентивно за да се спречат пожари и да не се загадува воздухот. Бидејќи секоја зима, поради несовесни, се палат канти за комунален отпад и контејнери, кога во нив се фрла пепел со жарчиња од домашните огништа, подвлече Јошев.

Дека со пепелта од шпоретот го ѓубрат лозјето, ни потврдија и други лозари од Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во државата. 

- Штотуку ја распоредив пепелта од изгорените дабови дрва низ редовите од мојот лозов насад. Зошто ли го правам тоа? Па сметам дека пепелта содржи во себе фосфор и калиум кои имаат поволно дејство врз виновите лози од моето лозје. Како по некое непишано правило, ова го правам речиси секоја година. Колку пепел ќе добијам од дрвата за огрев кои ќе ги изгорам во шпоретот дома во текот на зимата, толку распоредувам еве во редовите од лозјето, ни коментираше друг лозар. 

Со цел да дознаеме дали лозарите се во право кога во лозовите насади секоја пролет ставаат пепел од дрвата кои во текот на зимата ги изгореле во своите шпорети во сопствените домови, се обративме кај професор доктор Трајче Стафилов од Институтот за хемија при Природно математичкиот факултет во Скопје. 

- Правилно е тоа што го работат лозаропроизводителите бидејќи навистина пепелта од изгорените дрва има корисни дејства во себе, потврди Стафилов. 

Лазе Стамаџиев, поранешен раководител при Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството, работна единица во Кавадарци, сега пензионер, ни откри дека дури и самиот тој наместо да ја фрла пепелта во контејнерите, со децении ја користи за ѓубрење на лозјето. 

- Има лозари кои начуле нешто за оваа работа но не им е докрај јасна, па доаѓаа во просториите на Агенцијата со цел да се распрашаат дали е во ред да го прават тоа, да ја користат пепелта во земјоделството. На сите нив им кажувавме дека пепелта не мора да значи дека е отпад и дека таа може навистина да им биде од корист, ни кажа Стамаџиев.

Пепелта од изгорените дрва за огрев во шпоретите во тиквешките домови поодбро да заврши во морето од лозја во најголемот лозаровинарски регион во Македонија, отколку во контејнерите каде што предизвикува пожари, ни изјавија и од Територијалната противпожарна единица во Кавадарци. 

- Како корисна, пепелта е подобро да се однесе на лозјата, отколку  несовесно да се фрла заедно со жар, во контејнерите каде што многу често ни предизвикува пожари. Убаво е што се обработува една ваква тема, за да им посочиме на лозарите, пепелта уредно и безбедно да ја складираат во метални буриња или специјално ископани дупки, од каде подоцна ќе ја земат и ќе ја расфрлаат низ лозовите плантажи. Напоменуваме дека не треба да се чува во пластични кеси, вреќи или буриња, нагласија од противпожарната единица. 

Светлана Дарудова


Фото и видео: МИА 

Остани поврзан