• петок, 22 ноември 2024

Захарова: Москва ги повикува „надворешните сили“ да се воздржат од провокации во Тајван

Захарова: Москва ги повикува „надворешните сили“ да се воздржат од провокации во Тајван

Москва, 13 јануари 2024 (МИА) - Москва ги повикува „надворешните сили“ да се воздржат од провокации во врска со изборите во Тајван, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.

„Ние веруваме дека односите меѓу страните на Тајванскиот теснец се исклучиво внатрешна работа на Кина. Обидите на одредени земји да ги искористат изборите во Тајван за да извршат притисок врз Пекинг и да ја дестабилизираат ситуацијата во теснецот и регионот во целина - се контрапродуктивни и заслужуваат широка осуда од меѓународната заедница. Ги повикуваме сите надворешни сили да се воздржат од провокативни дејства кои ја поткопуваат регионалната стабилност и меѓународната безбедност“, рече Захарова.

Таа додаде дека позицијата на Русија за Тајван е добро позната, конзистентна и непроменлива - таа територија е составен дел на Кина. Захарова потсети на член 5 од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Руската Федерација и Народна Република Кина од 16 јули 2001 година, во кој се вели дека „руската страна ја потврдува непроменливоста на нејзината принципиелна позиција за тајванското прашање, кое е наведено во политичките документи, потпишани од лидерите на двете земји во периодот од 1992 до 2000 година“.

„Руската страна признава дека има само една Кина во светот, Владата на Народна Република Кина е единствената легитимна влада што ја претставува цела Кина, а Тајван е составен дел на Кина. Руската страна е против независноста на Тајван во која било форма“, го цитира Захарова документот. рп/

Фото: Бета

Остани поврзан