• недела, 22 декември 2024

Захариевски: Туризмот и мерките за негов развој имаат важно место во програмата на ЗНАМ

Захариевски: Туризмот и мерките за негов развој имаат важно место во програмата на ЗНАМ

Скопје, 29 април 2024 (МИА) – Развој на туризмот со промовирање на природното и културното богатство на државава, мерки за подобрување на инфраструктурата и капацитетите и инвестирање во бањскиот и медицинскиот туризам се некои од приоритетите во „Прогласот за достоинствена Македонија“ на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија.

Небојша Захариевски, носител на листа за пратеници на ЗНАМ во Шестата изборна единица, на прес-конференција истакна дека туризмот има важно место во нивната програма зашто овозможува самоодржлив економски развој и просперитет. Како што рече, имаме одлични природни предуслови за максимален раст и развој само доколку правилно и домаќински се менаџира со  процесите.

Соопшти дека планираат директно субвенционирање на проекти со кои ќе се афирмира  природното и културното наследство, развивање алтернативни облици на туризмот – планинарење, качување,  велосипедизам, кампување, оф роуд скијање, алпинизам, етнотуризам, како и развој на бањскиот и на медицинскиот туризам на највисоко ниво и субвенционирање на наменски авионски летови за туристички групи кои ќе ги посетат тие локации. Исто така, и инвестиции во инфраструктурата како предуслов за изградба и модернизација на нови бањски системи. 

-Подобрување на менаџирањето на сите национални паркови во Македонија, особено нивно поврзување со сите локални туристички чинители во најширок контекст со цел забрзување на промоцијата и препознатливоста на туристичките содржини и екслкузивитети со кои располага Македонија како неоткриена светска дестинација, рече Захариевски.

За реализација на нивните афирмативни мерки за туризмот, во програмата на ЗНАМ е предвидено во најбрз рок да се воведе систем за формирање туристички дестинации според европски модел. Како што појасни, за подобро претставување пред светската туристичка клиентела,  осумте плански региони ќе претставуваат осум туристички дестинации, плус градот Скопје. 

Овие мерки, рече Захариевски, ќе ги спроведуваат во соработка со туристичките комори и синдикални туристички организации. хс/нд/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан