Захараки: Над 1.200 пријави за врсничко насилство во Грција од јули минатата година
- На специјалната платформа „Stop Bullying“ регистрирани се над 1.200 пријави откако беше воведена во јули минатата година, рече министерката за образование на Грција Софиа Захараки во интервјуто за грчката државна телевизија ЕРТ, говорејќи за врсничкото насилство во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 15 април 2025 (МИА) – На специјалната платформа „Stop Bullying“ регистрирани се над 1.200 пријави откако беше воведена во јули минатата година, рече министерката за образование на Грција Софиа Захараки во интервјуто за грчката државна телевизија ЕРТ, говорејќи за врсничкото насилство во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Захараки посочи дека ако се погледнат податоците за врсничкото насилство Грција е под просекот на Европската Унија, објаснувајќи дека тоа е затоа што земјата „за првпат добива национална стратегија за да можеме сите заедно да се бориме со оваа појава и децата да почувствуваат дека имаат силна поддршка, без разлика дали се на училиште, дома или во општеството, а родителите да ги знаат сите средства што ги имаат на располагање“.
- Од 2019 година веќе имаме закон за врсничкото насилство. Во училиштата има посебни комисии составени од вработени во училиштата заедно со психолог-социјален работник, а во образовните институции постојат посебни протоколи, кои се применуваат во секој од случаите. Сега ја имаме платформата „Stop Bullying“, која евидентираше над 1.200 пријави од јули, кога стапи во сила. Како функционира? Може анонимно да се пријави она што се случило и училиштето е должно да го евидентира секој потег што го прави за да може да се справи со конкретниот случај внатре и надвор од училницата, објасни Захараки.
Додаде дека речиси половина од регистрираните случаи на врсничко насилство, односно 49 отсто се во областа Атика, а децата најчесто се на возраст од 13-14 години.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис утре ќе ја презентира Националната стратегија за насилство и малолетничка деликвенција. ср/ссм/