• понеделник, 23 декември 2024

Започна втората фаза на проектот „Зајакнување на општинските совети“

Започна втората фаза на проектот „Зајакнување на општинските совети“
Скопје, 12 јули 2022 (МИА) - Започна втората фаза на проектот „Зајакнување на општинските совети“ преку кој во наредните пет години ќе се реализираат низа активности за поттикнување на развојот на општините и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во локалните заедници. Како што информираат од УНДП, за остварување на овие цели ќе се работи на унапредување на капацитетите на општинските советници, директно вклучување на граѓаните во носењето одлуки, подобрување на законодавството, дигитализација на услугите, зголемена транспарентност и борба против корупцијата а едно од клучните начела на проектот е при реализацијата на сите проектни активности во целост да се почитуваат принципите на еднаква родова застапеност и еднакви можности за сите граѓани. - Зајакнување на општинските совети“ е партнерски проект на Владата на Швајцарија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а во имплементацијата на втората фаза директно ќе учествува и Министерството за локална самоуправа. Проектните активности ќе се спроведат во вкупно 40 општини, кои ќе бидат избрани на транспарентен начин и согласно дефинирани критериуми. Јавниот повик за избор на првите 10 општини кои ќе се вклучат во проектот е веќе објавен и заинтересираните локални самоуправи може да аплицираат најдоцна до 21 јули, стои во соопштението од УНДП. Во партнерските локални самоуправи ќе се спроведат специјализирани обуки за советниците и ќе се имплементираат дигитални алатки за поголема транспарентност во работењето. Дополнително, во овие општини ќе се организираат и Форуми во заедницата, преку кои граѓаните директно ќе изберат приоритетни локални проекти за чија реализација се предвидени неповратни грантови. Втората фаза на „Зајакнување на општинските совети“ ќе се реализира во периодот 2022 – 2027 година со вкупен буџет од 6,7 милиони американски долари. ар/сп/

Остани поврзан