• понеделник, 23 декември 2024

Западните санкции врз банките само ќе гребнат по површината на руската тврдина

Западните санкции врз банките само ќе гребнат по површината на руската тврдина
Хина/Ројтерс 23 февруари 2022 (МИА) Ефектот од санкциите против Русија, што САД, ЕУ и Британија ги објавија во текот на вчерашниот ден, а се однесуваат на руски банки и нивниот бизнис во странство, веројатно ќе биде минимален. Западните влади, засега, чуваат како резерва многу поголеми пакети санкции, во случај да дојде до ескалација на кризата. Тоа значи дека руските банкари, или нивните западни колеги, кои се изложени на таа земја, нема да минат долги ноќи без сон. Навистина, американските банки не очекуваат глобалните санкции да имаат големо влијание на работењето на банките во САД или да предизвикаат пораст на ризикот, со оглед на тоа што заемодавците малку се изложени на руската економија, тврдат тројца банкари, запознати со размислувањето во индустријата. Како се насочени банките и кои мерки би можеле тешко да ги погодат: Што е досега објавено? Европските министри за надворешни работи се сложија да санкционираат 27 поединци и ентитети, вклучувајќи банки кои финансираат руски политичари и операции на отцепени територии. Пакетот санкции ги вклучува и сите членови на Долниот дом на рускиот Парламент, кои гласаа за признавање на отцепените региони. Британија воведе санкции за Генадиј Тимченко и за уште двајца милијардери, блиску поврзувани со рускиот претседател Владимир Путин, како и против пет банки - Росија, ИС Банк, ГенБанк, Промсвјазбанк, Црноморска банка. Заемодавците се релативно мали, само воената банка Промсвјазбанк е на листата на важни кредитни институции на руската централна банка. Банката Росија е веќе под американски санкции од 2014 година, поради блиските врски со претставници на Кремљ. Вашингтон воведе санкции за Промсвјазбанк и за ВЕБ банка. Исто така, ги зголеми ограничувањата за рускиот државен долг. Американскиот претседател, Џо Бајден појасни дека руската влада нема да има пристап до финансирање на Запад. Американското Министерство за финансии соопшти дека ги проширува забраните за учество на секундарниот пазар за обврзници, издадени по 1 март од страна на руската централна банка и други ентитети. Руските доларски обврзници го зголемија губитокот по објавувањето на американските санкции, а оние долготрајните, паднаа на рекордно ниски вредности, покажаа податоците. Каков ќе биде ефектот? Засега - минимален. Големите руски банки длабоко се интегрирани во глобалниот финансиски состав, што значи дека, санкциите против најголемите институции, можат да се почувствуваат многу подалеку од границите на земјата. Но, новите санкции се насочени кон помалите кредитори. Мерките кон банките сè уште не се така опсежни, како оние, воведени по руската анексија на Крим во 2014 година, иако многу од тие санкции и понатаму се на сила. Потоа Западот стави поединци на црната листа, се обиде да го ограничи пристапот на руските државни финансиски институции до западните пазари на капитал, целеше кон поголеми државни кредитори и наметна широко распространети ограничувања во трговијата со технологија. Новите британски мерки не им наметнаа ограничување на најголемите државни банки, не го укинаа пристапот до капитал за руските компании, ниту пак протераа други истакнати, таканаречени руски олигарси, од Британија. Акциите на најголемите руски банки, Сбербанка и ВТБ, пораснаа, откако групите под државна контрола, ги избегнаа санкциите. Аналитичари тврдат дека руските институции се поспособни да се справат со ограничените санкции, отколку пред осум години, а руските државни банки ја намалија својата изложеност на западните пазари. Русија од 2014 година се оддалечи од американските државни обврзници и долари, еврото и златото имаат поголем дел во руските резерви, отколку доларите, според јануарскиот извештај на Институтот за меѓународни финансии. Исто така, Русија има силна макроекономска одбрана, вклучително големите девизни резерви од 635 милијарди долари, цените на нафтата близу 100 долари за барел, како и нискиот сооднос на долгот и БДП од 18 отсто во 2021 година. -Овие, денешните, не се толку значајни, изјави Самуел Чарап, висок политиколог во непрофитната, непартиска корпорација RAND Corporation, за американските санкции. Тој додаде дека прашањето е „каде ќе се оди сега“. -Станувам сè попесимист и мислам дека постои голема веројатност за значајни, понатамошни, руски воени акции, па според моето мислење, во тој случај, најверојатно, ќе видиме некои од навистина квалитативно подеструктивните мерки, отколку во минатото, појасни тој. Што следува? ЕУ објави подготвеност за наметнување „огромни последици“ по руската економија, но исто така предупреди дека, со оглед на блиските енергетски и трговски врски на ЕУ со Русија, сака постепено да ги зајакнува санкциите. Официјални лица, мерките од вчера ги сметаат за прв круг. Освен заемодавците, кои работат директно со отцепените региони, сè уште не е јасно кога и дали, ЕУ ќе цели кон најголемите банки. Вашингтон припреми низа мерки, вклучувајќи и забрана за американските финансиски институции да вршат трансакции за големи руски банки со прекинот на „дописничките“ банкарски односи, изјавија извори за Ројтерс минатата недела. Оневозможување на меѓународното плаќање, тешко дека би ја погодило Русија. Меѓутоа, тие мерки, може да се држат како резерва. Руските Сбербанк и ВТВ ќе се соочат со американски санкции, доколку Москва продолжи со инвазијата врз Украина, изјави за новинарите, висок претставник на американската администрација. Ако таквите банки навистина станат цел, американските банки би можеле да се соочат со одмазда, изјави Чарап, кој укажа на кибернетичките напади, како на потенцијално оружје, кое би можело да се употреби. Што би претставувало најтежок удар? Тоа од што банките во регионот и западните кредитори, најмногу се плашат, е можноста, на Русија да ѝ биде забранет пристап до широко користениот, глобален, платен систем SWIFT, кој го користат над 11.000 финансиски институции во повеќе од 200 земји. Таквиот потег, тешко ќе ги погоди руските банки, но последиците се сложени. Забраната за користење SWIFT, би му отежнала на европските кредитори да си ги вратат парите, а Русија веќе гради алтернативен систем за плаќање. Податоците на Банката за меѓународни порамнувања (БМП), покажуваат дека европските заемодавци го држат „лавовскиот“ дел од речиси 30 милијарди долари, во изложеноста на странските банки, кон Русија. Кои странски банки се најмногу изложени? Европските банки, особено тие во Австрија, Италија и во Франција, се најизложени на Русија и беа подготвени доколку владите воведат нови санкции. Според податоците на БМП, сите италијански и француски банки имале побарувања од околу 25 милијарди долари од Русија во третиот квартал од 2021 година. Австриските банки имале 17.5 милијарди долари. Тоа се споредува со американските - 14.7 милијарди долари. Меѓу најизложените кредитори е австрискиот РБИ, кој има големи операции во Русија и во Украина. Се вели дека „кризните планови“ ќе стапат на сила, доколку ситуацијата се влоши. Неговите акции во текот на вчерашниот ден паднаа за 7.5 отсто. Меѓтуоа, многу од странските банки значајно ја намалија својата изложеност на Русија од 2014 година, поради што, некои банкари, помалку се загрижени за заканите со санкции. бд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан