• сабота, 23 ноември 2024

Занаетчиска комора Скопје: Субвенционираната цена на струјата не е доволна за да ги намали цените на пекарските производи

Занаетчиска комора Скопје: Субвенционираната цена на струјата не е доволна за да ги намали цените на пекарските производи

Скопје, 2 март 2023 (МИА) - Субвенционираната цена на струјата не е доволна за да ги намали цените на пекарските производи, а формирањето на цената на лебот не треба и не може да зависи само од цената на електричната енергија, сметаат пекарите при Занаетчиска комора Скопје.

-Впрочем, поголем дел од производителите на леб и бели печива не печат на струја. Некои користат печки на гас, други имаат поставено фотоволтаици, а пак трети користат печки на дрва. Цената на лебот не се формира само во зависност од цената на брашното, бидејќи за да произведе леб потребни се и други репроматеријали, чија што цена сведоци сме дека во континуитет постојано е во пораст, велат од Секцијата на пекари при Занаетчиска комора Скопје.

-Врз цената на лебот секако влијаат и човечките ресурси кои се вклучени во производството, односно во вкупните пресметки треба да се земе во предвид и покачувањето на минималната плата на вработените, а со тоа порастот на придонесите, како значаен фактор за утврдување на цената на лебот. Ваквата мерка на државата за ограничување на цената на лебот може само негативно да се одрази со намалена понуда на пазарот и појава на дефицит на основни пекарски производи, како што е лебот, а тоа да доведе и до намалување на бројот на вработените и затворање на дел од бизнисите, посочи Анета Атанасовска, извршен директор на Занаетчиска комора Скопје.

Според неа, пекарите, секојдневно се соочуваат со нови предизвици за опстанок и се уште се опоравуваат од последиците од покачувањето на цените на репроматеријалите, покачувањето на енергентите, големиот процент на миграција на работната сила од овој сектор во странство, огромниот дефицит на пекари, како и потешкотиите навремено да ги исполнат обврските по основ плата и придонеси. вј/са/

Остани поврзан