Законот за правична застапеност набргу пред пратениците - прв критериум ќе бидат стручноста и компетентноста
- Претседателот на Владата пред пратениците во македонското Собрание потврди дека законот за правична застапеност ги минал филтрите на Венециската комисија и очекува набргу да се најде на пленарна седница и да се донесе.
Скопје, 4 март 2026 (МИА) - Турската заедница има апсолутна поддршка од мене и ги охрабрувам апликантите да се пријавуваат на конкурси за јавната администрација, во кои според новиот закон за правична застапеност прв критериум ќе бидат стручноста и компетенцијата - одговори премиерот Христијан Мицкоски на пратеничко прашање поставено од пратеникот Сали Мурати, а во врска со правилната застапеност на етничките заедници во рамките на јавната администрација.
Претседателот на Владата пред пратениците во македонското Собрание потврди дека законот за правична застапеност ги минал филтрите на Венециската комисија и очекува набргу да се најде на пленарна седница и да се донесе.
- Законот ги мина филтрите на Венециската комисија и забелешките се вклучени во рамките на законот. Се надевам и очекувам пратениците да дадат поддршка за овој закон, кој, според наше длабоко убедување, е во согласност со сите меѓународни стандарди и очекуваме да нема проблеми со уставноста, како што тоа се случуваше со некои минати законски решенија. Со овој закон прв критериум ќе бидат стручноста и компетентноста. Ги охрабрувам граѓаните кои се дел од турската заедница во нашата земја да аплицираат во рамките на јавната администрација. Ние како Влада сме покажале дека немаме никаков проблем, напротив, образованието на мајчин турски јазик го поттикнуваме и поддржуваме, турската заедница во Македонија е дел од идентитетот на нашата заедничка македонска нација, турската заедница во Македонија е ценета заедница со чесни граѓани, кои ја почитуваат својата татковина Македонија, но исто така имаат нераскинливи врски со Турција, и јас немам никаква дилема, напротив, ја имаат мојата поддршка и ќе бидат дел од моите приоритети и мојата оптика - нагласи Мицскоски и додаде дека како претседател на Владата пледирам да бидам претседател на сите граѓани, вклучително и на турската заедница, односно на дел од турскиот народ.
Во своето обраќање пред пратениците во македонското Собрание премиерот Мицкоски посочи дека со новото законско решение ќе се избегнат проблемите и девијантното однесување, што се случувало во јавната администрација во минатото.
- За мене претставува предизвик што повеќе луѓе да аплицираат на јавните повици, но сè помалку имаме мотивирани луѓе кои би се пријавиле на овие конкурси. Во минатото сме биле сведоци на девијантно однесување, луѓе што фигурирале на платни списоци, а не оделе на работа, луѓе што фигурирале на платни списоци, а долго време биле отселени од државата или, пак, имало и такви случаи на луѓе што, за жал, биле починати, а сепак добивале плата од државата. Сигурен сум дека тоа е минато време и дека сите заедно ќе работиме за интересот на нашата заедничка татковина Македонија - истакна Мицкоски.мт/са/
Фото: принтскрин