• недела, 22 декември 2024

Заев: Отворен Балкан е заеднички стремеж кон прогрес и подобра иднина

Заев: Отворен Балкан е заеднички стремеж кон прогрес и подобра иднина
Скопје, 4  ноември 2022 (МИА) - Иницијативата Отворен Балкан треба да биде урнек и за другите земји, бидејќи ја промовира и афирмира довербата како искрена форма за наоѓање најкус пат до прогресот и подобрата иднина, изјави поранешниот премиер Зоран Заев на Самитот на спортски новинари на Југоистична Европа „Спортот за државата, државата за спортот“ што се одржа во Струмица. На овој настан, поранешниот премиер Заев, како и неговиот грчки колега Алексис Ципрас, добија златни плакети за нивниот придонес кон промоција на мирот. Заев во неговото обраќање истакна дека може да се разликуваме по многу нешта, но заеднички треба да ни биде стремежот кон таа иднина и напредокот. -Отворен Балкан е отворена можност за непречена билатерална и мултилатерална соработка на сите можни полиња. Така се гради пријателство, така се оди напред, така се чува и надградува мирот, рече Заев. Тој потсети дека како премиер добил повеќе меѓународни награди за мир, а заедно со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас беа номинирани и за Нобелова награда за мир. Заев додаде дека делувајќи како премиер водел нималку лесни преговори и носел тешки одлуки за иднината на татковината, а сега преку фондацијата „Заев“ го прави истото и негува исти ставови. -Двете позиции се спротивни една со друга, но горд сум што Заев е истиот човек – македонец, мирољубец, рече Заев. Поранешниот премиер изрази надеж дека татковината ќе продолжи да ја негува мирољубивата политика, заснована на почит, надминување на бариери, разбирање, пријателство, толеранција и соработка. дма/мч/

Остани поврзан