Заев на средба со лидерот на СПД Борјанс: Силна и недвосмислена поддршка за европските интеграции на Северна Македонија
- Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска во Берлин се сретна со лидерот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Норберт Волтер Борјанс, на која како што информираат од партијата,
Скопје, 16 ноември 2020 (МИА) - Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска во Берлин се сретна со лидерот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Норберт Волтер Борјанс, при што како што информираат од партијата, било разговарано за повеќе актуелни теми, како справувањето со пандемијата од Ковид-19, процесот на интеграција на земјава во ЕУ, како и за соработката меѓу Германија и Северна Македонија.
Лидерот на СПД, Борјанс ја реафирмирал заложбата на Германија за забрзување на интегративниот процес на Северна Македонија кон ЕУ, а средбата ја искористил и да упати честитки до Заев за добиената награда за човекови права која му ја додели Фондацијата „Фридрих Еберт“.
- Честитки за наградата, вие сте важна личност за борбата за човекови права и европската идеа, порача Борјанс, се вели во соопштението од СДСМ.
Заев, стои во соопштението, се заблагодарил за континуираната силна и безусловна поддршка на Германија кон Северна Македонија во делот на евроинтеграциите и изразил уверување дека таа ќе продолжи, а истовремено ќе се продлабочува и успешната соработка помеѓу СДСМ и СПД.
- Република Северна Македонија е горда што има сојузник и голем поддржувач во Германија, а СДСМ е горда што има партнер и пријател во СПД. Таквите успешни соработки треба да продолжат уште позасилено особено во овој период кога коронавирусот се уште е најголемата глобална закана. Ковид кризата не научи дека солидарноста и соработката се важни на сите нивоа. Тоа се и социјалдемократски вредности кои треба да ги зајакнеме и промовираме и на други полиња, порача Заев.
СПД е членка на германската владина коалиција предводена од Христијанско демократската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел. аа/сп/
https://youtu.be/5o6CRIv_N_w