• вторник, 24 декември 2024

Заев: МИА се впишува во мапата на македонскиот медиумски простор како еден од највлијателните и најверодостојни извори на информации

Заев: МИА се впишува во мапата на македонскиот медиумски простор како еден од највлијателните и најверодостојни извори на информации
Скопје, 30 септември 2021 (МИА) – Во време полно со предизвици во кое точната и навремена информација е начинот за градење реална слика за светот околу нас, слободата и професионалноста во информирањето се клучните премиси на едно демократско општество, па оттаму слободно можам да кажам дека МИА има сериозен удел во изградбата и развојот на нашата демократија, истакна премиерот Зоран Заев по повод 23 годишнината од основањето на Агенцијата. Премиерот на својот Фејсбук профил напиша дека МИА со својата професионална етика има голема улога во борбата против дезинформациите. -На сите вработени во МИА им го честитам денот на основањето и им честитам за нивниот труд и професионална етика особено сега кога се соочуваме со напливот на дезинформации. Долгогодишниот професионален ангажман на медиумските професионалци во МИА е клучен дел од оваа борба чија цел се и медиумски писмени граѓани, кои ќе знаат каде да побараат и да добијат навремена и објективна информација за она што се случува околу нив, напиша премиерот на својот Фејсбук профил. Потенцира дека со своите новинарски записи Агенцијата е живо сеќавање на клучните моменти од современа стварност. -Дистрибуирајќи завидна бројка кредибилни вести на македонски, албански јазик и англиски јазик и негувајќи мултимедијален пристап, оваа агенција се впишува во мапата на македонскиот медиумски простор како еден од највлијателните и најверодостојни извори на информации, стои во објавата на премиерот. Вели дека благодарение на професионалноста МИА успеала да ги преброди сите искушенија. -Медиумската информативна агенција ги преброди и искушенијата низ кои минуваа и нашето општество и нашите граѓани, сѐ со цел да го заштити интегритетот на новинарската дејност од влијанието на политиката. На сите во МИА им посакувам да ја чуваат и негуваат професионалноста и високата работна етика, како и слободата и независноста во информирањето. Нека се множат годините на успешно работење, порача Заев.свс/ац/  

Остани поврзан