Завршни зборови на судењето на Саркози за сомнителното финансирање на неговата кампања од либиски фондови
- Денеска се очекуваат завршните зборови од адвокатите на одбраната на 70-годишниот поранешен претседател на Петата република, а пресудата ќе биде објавена подоцна.

Париз, 8 април 2025 (МИА) - По три месеци денеска треба да заврши судењето на поранешниот француски претседател Никола Саркози за наводно собирање нелегални средства за кампањата од Либија, јави ДПА.
Денеска се очекуваат завршните зборови од адвокатите на одбраната на 70-годишниот поранешен претседател на Петата република, а пресудата ќе биде објавена подоцна.
Саркози се соочува со обвиненија за проневера на јавни средства, поткуп и незаконско финансирање на кампањата.
Се тврди дека милиони евра од режимот на сега починатиот либиски владетел Моамер Гадафи биле внесени во претседателската кампања на Саркози во 2007 година.
Конзервативниот политичар, кој беше француски претседател од 2007 до 2012 година, ги отфрла обвинувањата.
Според обвинителството, меѓутоа, имало договор со Гадафи за финансирање на кампањата на Саркози.
Финансиското обвинителство побара седумгодишна затворска казна, парична казна од 300.000 евра и одземање на гласачкото право на Саркози за пет години.
Саркози веќе е осуден во два други неповрзани случаи, потсетува германската агенција.
Случајот во голема мера се потпира на сведочење на француско-либанскиот бизнисмен Зиад Такиедин, кој тврдеше дека кон крајот на 2006 или почетокот на 2007 година, доставил неколку куфери - подготвени од либискиот режим - со милиони евра до француското Министерство за внатрешни работи, тогаш предводено од Саркози.
За возврат, на тогаш изолираниот либиски режим, наводно, му биле ветени профитабилни договори со француските компании и помош за враќање на меѓународното признавање.
Гадафи беше примен со воени почести во Елисејската палата во декември 2007 година. Но, во 2011 година, либискиот лидер беше соборен - делумно благодарение на Саркози, потсетува ДПА.сд/
фото:МИА архива