• сабота, 16 ноември 2024

Заврши Форумот за млади од Западен Балкан во Берлин

Заврши Форумот за млади од Западен Балкан во Берлин

Скопје, 14 октомври 2024 (МИА) - Покрај стремежите кон европска интеграција и поголема демократизација на регионот, младите луѓе од Западен Балкан ги обединуваат заеднички предизвици, а зголемената соработка меѓу млаадите е клучен чекор кон помирување и надминување на денешните проблеми. Оваа порака беше пренесена на Форумот за млади од Западен Балкан, одржан вчера и денеска во главниот град на Германија, Берлин, се наведува во денешното соопштение.

- Организиран од Регионалната канцеларија за соработка на младите (RYCO), Германско-француската младинска мрежа (OFAJ DFJW) и непрофитната организација „Бургер Европеас“, под покровителство на Самитот на Берлинскиот процес, Форумот за млади од Западен Балкан собра повеќе од 100 учесници, меѓу кои претставници на владите од регионот, претставници од земјите на Европската Унија и институциите на ЕУ, како и млади луѓе од Западен Балкан и европските држави. Оваа година, Форумот беше фокусиран на одбележувањето на десетгодишнината од Берлинскиот процес, што беше можност за учесниците да се осврнат на постигнатите резултати и да ги разгледаат идните чекори за унапредување на соработката меѓу младите во регионот, пишува во соопштението до јавноста.

Во своето обраќање на отворањето на Форумот, генералниот секретар на RYCO, Алберт Хани изјавил дека преку Берлинскиот процес како платформа за соработка се постигнало многу во изминатите десет години, но, дека младите всушност се вистинската движечка сила на овој процес.

- Вие сте архитекти на иднината и гласот на промената. Вашата енергија, креативност и решителност нè инспирираат сите нас да се стремиме кон подобар и поуспешен регион, се наведува во писмената изјава на Хани, кој ги повикал регионалните и европските институции да обезбедат уште посилна поддршка за поактивно вклучување на младите во процесите на одлучување, поттикнување на соработката и надминување на предизвиците од минатото.

Тој нагласил дека основањето на RYCO во рамките на Берлинскиот процес, испраќа силна политичка порака дека владите од регионот се подготвени за соработка, но, дека постоењето на RYCO се темели не на интереси, туку на вредности.

- Нашата мисија е да ги разбиеме стереотипите, да ги надминеме поделбите и да ги охрабриме младите да преземат одговорност за својата иднина и за иднината на регионот. Ставајќи ги младите во центарот на вниманието, ние работиме на создавање услови за напредок на регионот и создавање средина, каде младите од Балканот ќе бидат рамо до рамо со своите врсници од земјите на ЕУ, се додава во соопштението.

Генералниот секретар Хани додал дека преку програмите и иницијативите на RYCO се организирани повеќе од 400 активности, директно вклучени или оспособени се околу 60.000 млади, а поддржани се над 240 организации од граѓанското општество. Тој кажал дека во следниот период, RYCO ќе продолжи да ги поддржува младите преку нови проекти и иницијативи за понатамошно зајакнување.

Говорејќи на Форумот за млади од Западен Балкан, директорот за Западен Балкан во германското сојузно Министерство за надворешни работи, Мајкл Рајфенштеул, ја истакнал важноста на Берлинскиот процес, особено во делот на приближување на Западен Балкан кон Европската Унија.

- Соработката се одвива како внатре во самиот регион, така и во делот на поврзување со европските земји, и тоа го гледаме на полето на трговијата, размената и интеракцијата, рекол Рајфенштеул.

На Форумот учествувал и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, исто така член на Управниот одбор на RYCO.

Говорејќи на панелот „Европскиот проект низ призмата на младите“, министерот изјавил дека младите претставуваат клучна демографска група која го обликува идентитетот на Европа.

- Вклучувањето на младите од Западен Балкан е исклучително важно, бидејќи тие и според аспирациите и географски припаѓаат на Европа и затоа нивниот глас, аспирации и предизвици мора да бидат дел од нашите политики, истакнал министерот.

Тој додал дека младите се и сегашноста и иднината и од нив зависи какво општество ќе имаме, додека од институциите зависи да им овозможат ресурси, пристап и вклученост во реализацијата на нивните идеи.

- Заедно, не само на локално, туку и на регионално ниво, можеме да направиме многу повеќе за сите млади да имаат еднакви шанси за напредок. Ве повикувам да работиме заедно и оваа десетгодишнина на Берлинскиот процес нека биде поттик за нови идеи, нови иницијативи и нова енергија за мир, стабилност и просперитет на Западен Балкан, рекол министерот.

Во рамки на вториот ден од Форумот, на панелот што се фокусирал на динамиката на соработката на младите од Западен Балкан, учество зела и заменичката министерка за европски прашања, Викторија Трајков. Таа истакнала дека младите треба да ги користат програмите за размена како што се „Еразмус плус“ и други програми што придонесуваат за поврзување на младите луѓе во регионот и пошироко.

Форумот исто така бил можност да се најави отворањето на шестиот повик за финансирање на проекти на граѓанските организации во регионот, со цел обезбедување нови можности за соработка и мобилност на младите.

- Форумот за млади од Западен Балкан се организира континуирано од 2021 година во рамките на Самитот на Берлинскиот процес и претставува единствена платформа за директно вклучување и поврзување на младите, како и на професионалците кои работат во секторот за млади на регионално и европско ниво, се истакнува во соопштението. бд/нд/

Фото: Соопштение

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан