• понеделник, 18 ноември 2024

Заврши МТФ „Денови на комедија 2024“

Заврши МТФ „Денови на комедија 2024“

Куманово, 9 октомври 2024 (МИА) - Заврши 27-тиот Меѓународен фестивал „Денови на комедија 2024“ во Куманово. Кумановскиот театар вчера традиционално ја затвори фестивалската програма со премиерата „Како што сакате“ во режија на Срѓан Јаниќиевиќ.

Жирито на МТФ, претседател, Александар Ивановски и членовите Катерина Момева, Петар Андоновски, Ева Камчевска и Стефан Јакимовски за најдобра претстава ја прогласија „Пар – распар“ на Театар комедија, Скопје, наградата за најдобар режисер ја доби Куштрим Бектеши за „Итроштините на Патук“ во изведба на Тетовскиот театар.

Фаик Мефаиловски од Велешкиот театар ја доби наградата за најдобра главна машка улога, за најдобра споредна машка улога е прогласен Марко Трајковиќ за изведбата во „Како што сакате“ на Театар Куманово. Најдобра главна женска улога ќе и биде врачена на Марија Минчева Андонов за изведбата во „Женидба“ на Штипскиот театар, најдобра споредна женска улога, Марија Новак во „Секс, лаги и љубомора“ на Театар Охрид. Кумановскиот театар ги доби наградите за најдобра костимографија на Лидија Георгиева и за најдобра сценографија, Марија Ветерова.

-Задоволни сме од одзивот на публиката. Кумановската публика уживаше во сите претстави, имавме и посетители од другите градови од државата. Вечерва ќе ги доделиме наградите, изјави директорот на НУЦК, Сашо Тодоровски.

На годинашново издание пред кумановската публика настапија Велешкиот театар со „Вечера за глупаци“, претставата „Секс, лаги и љубомора“ на Народен театар Охрид. Кумановци имаа можност да ги проследат и „Фустан за бегство“ на драматичен куклен театар од Враца, Република Бугарија, „Автопат Сагбама“ на Позориште „Бора Станковиќ“ од Врање, Србија, „Пар распар“ на Театар Комедија од Скопје, „Итроштините на Патук“ од Тетовскиот театар, „Се бара нов маж“ од драмско куклен театар Плевен, Бугарија, „Мажи во влечки“ на албанската драма на Театар Куманово, „Женидба“ на Народен театар Штип, „Кокошке“-Народен театар од Ниш. Освен официјалната програма настапија и студентите од факултетите од државата.

Лауреат на годинашново издание е актерот Сашко Коцев за неговиот особен придонес во комедијата. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура со 600.000 денари, Општината со 330.000 денари и со поддршка на општествено-одговорни компании. ам/мд/

Фото: НУЦК „Трајко Прокопиев“

Остани поврзан