• понеделник, 23 декември 2024

Заврши Ликовната колонија "Радика - Дебар 2023"

Заврши Ликовната колонија

Дебар, 31 август 2023 (МИА) - Со изложба на создадените дела во изминатите четири дена, денеска заврши Ликовната колонија "Радика-Дебар 2023". 

На оваа значајна активност, која се одржува во организација на "АРТ КУЛТ 57"- Дебар, учествуваа 11 ликовни уметници од Гостивар, Струга, Дебар и Ростуше.

Присутните ги поздрави и изложбата ја отвори градоначалникот Хекуран Дука.

- Општина Дебар повторно е главен донатор на Ликовната колонија „Радика-Дебар 2023“. Чест ми е да сум тука со вас, да ви посакам уште многу успеси на ваш личен план и да ветам дека и понатаму како локална самоуправа ќе ја поддржуваме оваа активност, рече меѓу другото Дука.

Додаде дека Програмата на Општина Дебар за финансиска поддршка на здруженијата и клубовите дава неспорни резултати во заживување на културата и спортот во општината како и зголемување на интересот на младите да се занимаваат со овој вид уметничко творештво.

Задоволството не го криеше ниту Арбен Јајага, претседател на организацијата за уметност, култура и зачувување на културното наследство "АРТ КУЛТ57".

- Ова е шеста година како ја организираме Ликовната колонија. Станува традиционална активност  и верувам дека ќе продолжиме со нејзино успешно одржување. Му благодарам на градоначалникот за поддршката и на учесниците,  рече тој.

Освен создавањето ликовни дела во разни техники, со мотиви и од поширокиот дебарски регион,  учесниците посетија неколку познати културно - историски споменици, меѓу кои и познатиот мост Еленски скок, кој се наоѓа на многу ликовни платна. 

Изложбата е поставена во холот на Националната установа Центар за култура, каде што уметниците и ги создаваа своите дела. вт/вг/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан