• петок, 05 декември 2025

Заврши летната школа за основци во Гостивар

Заврши летната школа за основци во Гостивар

Гостивар, 11 август 2025 (МИА) – Со доделување благодарници, на пригоден настан во спортската сала „Младост“ во Гостивар беше затворена „Летна школа“ 2025 за учениците од основните училишта. Овој настан го организира локалната самоуправа по четврти пат.

Летната школа има за цел низ повеќе воншколски активности да ги ангажира учениците на возраст од 7 до 14 години според нивните афинитети за спорт, уметност, јазици и меѓусебно дружење.

- На симболичен начин означуваме крај на активност во која учествуваа над двесте деца и нивни ментори. Се надевам дека идната година бројката ќе се зголеми. Летната школа значително помага во период кога децата се на распуст да бидат активни, а тоа да им биде од корист. Во време на развиена технологија и нејзино прекумерно користење, даваме можност децата на кратко да се отгрнат од неа и извесно време да поминат во спортување, играње шах, цртање, рече в.д. градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани.

Годинава покрај кошарката, ракометот, шахот и цртањето, како новина беа организирани курсеви по албански јазик, наменети за децата на иселениците.

Учеството на летната школа за учениците од основните училишта беше бесплатно. Покрај наставници, ангажирани се и спортски педагози кои низ активностите откриваат млади таленти од градот и околината во различни области. згм/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан