• петок, 22 ноември 2024

Завршен настан на Коалицијата „Сите за правично судење“ во рамки на проектот за реформи во правосудството

Завршен настан на Коалицијата „Сите за правично судење“ во рамки на проектот за реформи во правосудството

Скопје, 18 септември 2024 (МИА) - Коалицијата „Сите за правично судење“ ќе одржи завршен настан за презентација на препораките и акцискиот план за подобрување на состојбите во правосудството кои се изработени во рамки на проектот „Подобрување на учеството на засегнатите страни во процесот на реформи во правосудство“, финансиски поддржан од Амбасадата на САД во Северна Македонија.

Како што стои во соопштението на Коалицијата „Сите за правично судење“, горенаведените препораки се однесуваат на надминување на клучните прашања кои судиите и јавните обвинители ги посочија во текот на спроведениот консултациски процес како исклучително проблематични од аспект на функционирањето на правосудниот систем. Заедно со препораките е изработен и акциски план во кои се дадени конкретни мерки и чекори кои е потребно да бидат преземени од страна на различни чинители со цел имплементација на препораките и подобрување на состојбите во правосудниот систем.

На завршниот настан, според организаторите, свои воведени обраќања ќе имаат извршниот директор на Коалицијата, Дарко Аврамовски, амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер, претседателката на Врховниот суд на Северна Македонија, Беса Адеми и јавната обвинителка во Јавно обвинителство на Северна Македонија, Анита Топалова Исајловска.

За време на настанот ќе бидат презентирани препораките за подобрување на состојбите во правосудството, од страна на Илија Трпков, претставник од Здружение на судии на Северна Македонија и Дарко Јакимовски, претставник од Здружение на јавни обвинители, а воедно ќе биде презентиран и акцискиот план за застапување на препораките од страна на Наташа Петровска, проектен координатор во Коалиција „Сите за правично судење“. нд/мд/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан