• сабота, 23 ноември 2024

Забрчанец: Да се привлечат граѓаните кон автопатот на добри нешта, наспроти темните канали на дезинформации

Забрчанец: Да се привлечат граѓаните кон автопатот на добри нешта, наспроти темните канали на дезинформации
Скопје, 16 јуни 2021 (МИА) – „Дваесет лажни вести се повеќе читани од дваесет вистинити“, ова беше заклучено на денешната панел дискусија насловена „Автопатот со факти наспроти беспаќето на опасните дезинформации“. Дали институциите имаат капацитет за справување со злонамерните дезинформации, колку се опасни дезинформациите и говорот на омразата за безбедноста и стабилноста на државата, на кој начин можат граѓанските организации и медиумите да се вклучат во заштитата од дезинформации и хибридни закани, беа само дел од прашањата за кои учесниците дискутираа и споделуваа решенија. Во своето обраќање националниот координатор за стратегиски комуникации Марјан Забрчанец, истакна дека треба да се привлечат граѓаните кон автопатот на добри нешта, наспроти темните канали на дезинформациите. - Сите ние предолго зборуваме за борба против дезинформации, справување со лажни напади, одбрана од хибридни закани, подзаборавивме што е нашата демокаратска агенда, за она што претходно сме се бореле на улиците. Сите ние кои застапуваме демократски вредности треба да обрнеме внимание за она ЗА, за да ги привлечеме граѓаните да бидат на оној автопат на добри нешта, наспроти темните канали на дезинформациите, ние сме на автопатот,  тие се во мрачните тунели, порача Забрчанец. Додаде дека заглавеноста со негативните појави и влијанија како што се дезинформациите трае подолг период, а дека паралелно со тоа работите кои требало да се промовираат паднале во заборав. -Ме охрабрува начинот на кој НАТО во последните стратешки документи вели ние не сме препознаени, или не сакаме да бидеме препознаени против она што се бориме, туку сакаме да не знаат по она што го промовираме. Општествените чинители кои презеле одговорност и си зацртале дека ке промовираат соживот дејалог разбирање мора многу повеќе да вложуваат во каузите „за“ отколку „против“, изјави тој. На дискусијата беше воочено и влијанието на дезинформациите врз националната безбедност. Според полковникот Александар Илиев од Министерството за одбрана постојат повеќе опасности, како и дека лажните вести најчесто се дел од теории на заговор, и лажни научни наративи и тоа ги прави многу покомплексни за справување. -Дезинформациите се поврзани со повеќе закани за национална безбедности и делуваат негативно врз власта, поделба на граѓаните и имаат моќ врз волјата на граѓаните кон евентуална агресија. Интернетот како вештачка интелигенција овозможува тие дезинформации да бидат глобална закана, бргу да делуваат и да имаат висок интензитет, рече Илиев. Тој истакна дека луѓето се подложни на дезинформации без разлика на степенот на образование. Љупчо Стојковски, доцентот при Катедрата за меѓународно јавно право информира дека хибридните закани покрај лажните вести и дезинформации, вклучуваат саботажа, шпионажа, па и напади. -Проблемот со хибридните напади е дека не може да се активира класична државна самоодбрана. Зад нападите некогаш стои и некоја друга држава. За такви напади може да се активираат економски мерки, да се санкционираат или избркаат амбдасадори на одредени земји, но не може да се активира одбранбена сила, изјави Стојковски. -Ние се бавиме со дебанкирање на дезинформации, но исто така се бавиме и со ширење и објавување на позитивни наративи, додаде уредникот на Вистиномер и Критинк, изданија на Фондацијата Метаморфозис, Владимир Петрески. Според полковникот Илиев за ефективно справување со дезинформациите клучно е да се сфатат целите и нивниот поширокиот контекст, како и дека борбата треба да вклучува и меѓународна соработка. -Министерството за одбрана има задача да ја обезбеди национална и државна безбедност. Министерството за одбрана изработува класифицирани информации за сите тие дезинформации што се шират.  При извршување на такви задачи Министерството за одбрана користи искуство од претходно и научени лекции, кои велат дека луѓето се подложни на дезинформациите без разлика на нивото на образование.  Самото негирање на дезинформациите не е ефективен метод, повторувањето на дезинформациите е контра продуктивно, истакна тој. Забрчанец пак, додава дека друго важно решение е подобрување на клучните алатки за борбата против дезинформациите. Панелот е дел од проектот „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија од 1 април оваа година. свс/дма/

Остани поврзан