Жерар Депардје приведен за сексуално вознемирување
- Депардје решително ги одрекуваше сите тие наводи. Во отворено писмо до јавноста минатиот октомври, тој рече дека никогаш не злоставувал жена.
Париз, 29 април 2024 (МИА) - Полицијата во Франција го приведе познатиот актер Жерар Депардје на сослушување поради обвинение од две жени за сексуално вознемирување за време на снимање филм.
Глумецот, според тамошните медиуми, денеска бил повикан во полициска станица во врска со обвиненијата за сексуален напад поднесени од две жени кои го оптужуваат дека несоодветно ги допирал за време на снимање - едната во 2014., а другата во 2021 година. И десетици други жени го обвинија 75-годишниот Депардје за вознемирување, несоодветно допирање или сексуални навреди.
Депардје решително ги одрекуваше сите тие наводи. Во отворено писмо до јавноста минатиот октомври, тој рече дека „никогаш, никогаш не злоставувал жена“.
Жерар Депардје се смета за национална икона во Франција. Тој беше и глобален амбасадор на француската кинематографија, уживајќи меѓународна слава, меѓу другото, и поради неколкуте свои улоги во Холивуд. си/сд/
Фото: МИА архива