• недела, 10 ноември 2024

ЕУ усвои Регулатива за заштита на новинарите и активистите од тенденциозни тужби 

ЕУ усвои Регулатива за заштита на новинарите и активистите од тенденциозни тужби 

Брисел, 19 март 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска усвои нова законска Регулатива за заштита на новинарите и активистите за човекови права од тенденциозни тужби, чија цел е да бидат обесхрабрени да говорат за прашања од јавен интерес. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Регулативата им нуди на новинарите и на заштитниците на човековите права процедурална сигурност и мерки за заштита од  т.н. „стратешки тужби против учество на јавноста“ (СЛАПП). Мерките ќе ги штитат потенцијалните жртви на СЛАПП од „очигледно неоснованите барања или тенденциозни судски постапки“ во граѓански спорови. 

Поединците, потенцијални жртви на овие тужби, може да побараат од Судот нивно отфрлање во „најраната можна фаза доколку барање е очигледно неосновано“. Доколку се утврди дека постапката е тенденциозна, Судот може да одлучи трошоците за постапката, вклучително и оние за правно застапување на жртвата на тужбата, да ги сноси тужителот.  

За да се осигура дека неосновано обвинетиот ќе биде обесштетен, Судот може да му нареди на тужителот да обезбеди финансиска гаранција за покривање на трошоците за постапката, како и за евентуални штети што ги претрпело туженото лице. 

Со Регулативата, судовите се обврзани по забрзана постапка да донесат одлука за предвремено отфрлање на случајот со СЛАПП и за гарантирање на финансиска сигурност. 

Со цел да се обесхрабрат ваквите судски постапки, судијата може да реши да и изрече казна или други соодветни мерки на странката што ја покренала СЛАПП тужбата.  

Доколку лице кое живее во ЕУ биде обвинето со ваква тужба во трета земја, членките на Унијата се должни да не ја признаат таквата пресуда и да го одбијат нејзиното извршување, доколку е очигледно дека таа е неоснована или тенденциозна. 

Со Регулативата се бара од земјите членки да воспостават правила што ќе им овозможат на здруженија, организации или синдикати да им пружат поддршка на обвинетите со СЛАПП тужба, како и да обезбедат податоци во постапката. 

За поддршка на жртвите на ваквите тужби, земјите членки ќе треба да воспостават систем со информации за процедуралните заштитни мерки и правните лекови кои им стојат на располагање на неосновано обвинетите. 

Регулативата ќе стапи во сила на 20-от ден по нејзиното објавување во Службениот весник на Европската Унија, по што земјите членки имаат рок од две години да ја вклопат во националните законодавства. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан