ЕУ воведе санкции кон уште седум лица и два субјекти поради кршење на човековите права во Иран
- Европската Унија и натаму е длабоко загрижена од вознемирувачката практика на Иран произволно да приведува државјани на ЕУ врз лажни основи, со цел да оствари политички придобивки. Минатата година имаше драматичен пораст на бројот на егзекуции, вклучително и на жени и поединци кои припаѓаат на етничките и верските малцинства, како и на еден европски државјанин, се наведува во соопштението на Советот.

Брисел, 14 април 2025 (МИА) - Советот за надворешни работи на ЕУ денеска реши да воведе рестриктивни мерки кон уште седум физички и две правни лица од Иран, одговорни за сериозни прекршувања на човековите права, вклучително и за користење на судството како алатка за произволно притворање.
- Европската Унија и натаму е длабоко загрижена од вознемирувачката практика на Иран произволно да приведува државјани на ЕУ врз лажни основи, со цел да оствари политички придобивки. Минатата година имаше драматичен пораст на бројот на егзекуции, вклучително и на жени и поединци кои припаѓаат на етничките и верските малцинства, како и на еден европски државјанин, се наведува во соопштението на Советот.
Во него натаму се истакнува дека во Иран се повеќе се ограничуваат слободата на мислење и изразување, на вероисповед или верување, како и на собирање, а се преземаат и заканувачки мерки против заштитниците на човековите права, новинарите и политичките неистомисленици.
Поради ова, Советот воведе санкции за централниот затвор „Шираз“ во провинцијата Фарс, како и за Револуционерниот суд во Шираз.
Меѓу санкционираните поединци се судии, како и раководителот на затворот „Евин“, Фарзади Хедајатолах и првиот човек на Одделот за затворска заштита и разузнавање во Фарс, Мехди Немати.
Со ова на европската листата на санкционирани лица од Иран поради сериозни прекршувања и непочитување на човековите права, сега се наоѓаат вкупно 232 поединци и 44 субјекти. Ним им е замрзнат имотот во ЕУ и се забранува да им се ставаат на располагање средства или економски ресурси, а физичките лица имаат и забрана за патување во Унијата. Покрај ова, со оваа рамка на рестриктивни мерки, се забранува за извоз во Иран на опрема што може да се користи за внатрешна репресија и за следење на телекомуникациите.
- Европската Унија изразува поддршка за фундаменталните аспирации на народот на Иран за иднина во која ќе се почитуваат, штитат и исполнуваат нивните универзални човекови права и основни слободи, се додава во соопштението. сп/
Фото: МИА Архива