• сабота, 21 декември 2024

Еутаназија на свиња чини 110 денари, а нес-кафе 130, реагираат ветеринарите

Еутаназија на свиња чини 110 денари, а нес-кафе 130, реагираат ветеринарите
Скопје 6 септември 2022 (МИА) - За двонеделни активности (посетени преку 70 фарми, земени над 80 крвни проби и извршена дезинфекција) кои ме чинеа најмалку 30 000 денари, добив 160 денари поврат од државата. Толку изнесуваше фактурата која ми беше исплатена. Вака накусо ветеринарот Слободан Димитровски од Делчево објаснува со што се соочува неговата струка веќе подолго време. Во основа на сите проблеми, вели, се цените на услугите. Од Ветеринарната комора тоа го илустрираат со примерот дека еутаназија на свиња чини 110 денари, а нес-кафе во ресторан е 130. Ветеринарите вчера го „кренаа гласот“. Отидоа дури и пред Владата за да ги соопштат своите барања: усвојување на методологијата за формирање цени која е веќе утврдена, итно зголемување за 30 отсто на сите цени за превентивните ветеринарни услуги кои се на товар на државниот буџет, како и 50 отсто кофинансирање на вакцинацијата против болеста ентеротоксемија кај овци и кози. Премиерот Димитар Ковачевски беше службено отсутен, но од неговиот Кабинет добија ветување за средба во најбрз можен рок. Ветеринарите претходно беа „извисени“ од директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски кој поради професионални обврски не дојде на јавниот состанок што го организираше Ветеринарната комора и на кој уште еднаш беше укажано дека ветеринарните друштва се во многу лоша финансика и материјална состојба, дека кубурат со човечки ресурси, како и дека нивниот опстанок е доведен во прашање. Залудно се упатија и кон АХВ зашто Бабовски беше во Влада, на седница на Економскиот совет. -И покрај очајната, екстремно лоша ситуација во која се наоѓаат, сите ветеринарни друштва, без исклучок, професионално и ревносно реагираа за спречување на африканската свинска чума. Излегоа на терен и максимално се вложија. По алармот дека се појави нов случај, се формира Координативно тело на чие чело е директкрот Бабовски. Одржани беа три состаноци на кои, исто така, беше посочена лошата состојба во која се наоѓаат и опасноста од неможноста да спроведат потребните мерки против болеста, рече претседателот на Ветеринарната комора, Жарко Михајлоски. Според него, и покрај препораката од страна на Владата релевантните институции задолжително да свикаат итен координативен состанок (состанок на МЗШВ и АХВ со Ветеринарната комора) заради согледување на потребите на ветеринарните друштва и креирање повисока мотивираност за реализација на мерките против африканската чума, тоа не се случи. Состанок во ваков состав до денес, потенцира Михајлоски, не се одржа. -Бевме соочени со разни проблеми, но првиот ни беше финансиски, се сами моравме да си купиме, немавме ништо од АХВ, барем бончиња за бензин да ни обезбедеше. Се потрудивме и пак ќе се потрудиме да дадеме максимум во битката со оваа и која било друга болест, но имајте разбирање дека финансиски веќе не можеме да издржиме. Ако државата сака да се справи со некоја болест, на овој начин не ќе може. За смешната фактура со која ми се враќаат 160 денари, надлежните рекоа дека е грешка. Ако е грешка, тогаш нека биде исправена, нагласува ветеринарот Димитровски од Делчево. Тој објаснува и дека секој ден трошел по 1 000 денари за бензин од Делчево до Македонска Каменица за спроведување на мерките против африканската чума. -Ако на ова се додаде и сумата за потрошен материјал – ракавици и одела за еднократна употреба кои во аптеките се по 400 денари, за што зборуваме тогаш?, укажа Димитровски. Претставникот од АХВ, Ванчо Новоселски ги охрабри ветеринарите јавно да ги кажат проблемите. И тој рече дека проблеми има многу, како и дека беа увидени при спроведувањето на мерките против африканската свинска чума. -Колегите дадоа максимум кога изби болеста, а голем дел од мерките што беа наложени, се спроведоа благодарение на нивната пожртвуваност. Од објективните проблеми на ветеринарните друштва би го спомнал доцнењето на програмите. Доцна се потпишаа и договорите со ветеринарните лаборатории, истакна Новоселски. Тој информира дека Методологијата за формирањето на цените на ветеринарните услуги е 99 отсто завршена и ако се согласат двете страни, АХВ и Ветеринарната комора, се оечкува да биде потпишана околу 20 септември. - Врз основа на таа методологија ќе се формираат цените за наредната година. За оваа година, тоа е што е, рече Новоселски. За МИА од Ветеринарната комора објаснуваат дека покрај намалувањето на сточниот фонд, најголемиот удар ветеринарните друштва го доживеаја со економската и КОВИД – кризата, односно со енормното зголемување на трошоците. Комората предупредува дека секторот е пред колапс, поради што бара итна интервенција од Владата и МЗШВ. Според Комората, ветеринарните друштва не реализирале никакви приходи по основа на извршени активности од јавен интерес, немаат никаква акумулација на средства и не можат да обезбедат ни минимални средства за исплата на личен доход. Ветеринарната комора минатата недела уште еднаш реагираше со допис до премиерот Димитар Ковачевски и до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Во дописот се апелира дека „клучни причини за проблемите кои се закануваат со колабирање на секторот се ниските и нереални цени за активностите од јавен интерес кои за една деценија се минимално корегирани, како и доцнењето на отпочнувањето на активностите од јавен интерес во тековната 2022 година поради доцнењето на донесувањето на Годишната наредба за здравствена заштита на животните (донесена во мај 2022, а вообичаено се усвојува најдоцна до јануари) и последователно, изборот (преку јавна набавка) на овластена лабораторија за дијагностички испитувања, кој заврши во август 2022“. -Не посакувајќи последици штетни за државата, како протести и престанок на работа, уште еднаш алармираме и повикуваме на брза и ефектна реакција на сите одговорни институции. Во бројните контакти претходно доставивме многу аргументи за да ја доловиме апсурдната состојба на потценетиот и девалвиран труд на докторот по ветеринарна медицина, вклучен во активности од јавен интерес. Со оглед дека ги исцрпивме сите можности низ канализиран процес на преговори да дојдеме до целта, тоа што пред членството, кое е  огорчено и незадоволно, немаме веќе ниту авторитет ниту кредибилитет да бараме дополнително време и трпение за решавање на овој проблем, клучен за опстанок на ветеринарните друштва, од Вас бараме во рамките на Вашите надлежности и одговорности  утврдени со Закон да ги преземете сите потребни чекори за итно и неодложно интервенирање во правец на подобрување на финансиската состојба и консолидација на ветеринарно-здравствениот сектор, наведува Ветеринарната комора. МИА го контактираше и директорот на АХВ, Бабовски. Тој потврди дека поради професионални обврски - присуство на седница на владиниот Економски совет, вчера не бил на состанокот на Ветеринарната комора, ниту бил присутен потоа во АХВ кога ветеринарите дошле да се сретнат со него. АХВ, тврди Бабовски, нема ниту денар долг кон ветринарните друштва, а методологијата за цените се очекува да биде усвоена за 10 - 15 дена. Прв пат во историјата на ветеринарството, напоменува Бабовски, се воведува метолодогија за исплата по активности од јавни овластувања и со тоа засекогаш се решава проблемот со висината на надоместоците, независно кој е на власт. -Агенцијата ги испочитува ветеринарите на состанокот, испрати свој претставник. Не можев да бидам присутен поради професионални обврски. Ние работиме со нив, има работна група која работи на методологијата за цените и во наредните 10 - 15 дена очекуваме методологијата да се усвои, дециден е директорот на АХВ според кој состојбата во ветеринарството зависи директно од ветеринарната фела. Мирјана Чакарова            

Остани поврзан