• петок, 22 ноември 2024

Ерменија го обвини Азербејџан дека подготвува воена провокација

Ерменија го обвини Азербејџан дека подготвува воена провокација

Ереван, 7 септември 2023 (МИА) – Ерменија денеска го обвини Азербејџан дека подготвува „воена провокација“ со масовно собирање војници долж границата на двете земји и во близина на спорниот регион Нагорно-Карабах.

- Азербејџан ја покажува својата намера да изврши нова воена провокација против Нагорно-Карабах и Ерменија, изјави ерменскиот премиер Никол Пашинијан.

Тој на состанок на Владата во Ереван изјави дека воената и политичката ситуација во ерменскиот регион значително се влошила.

Од друга страна, азербејџанското Министерство за надворешни работи ја осуди „новата лажна политичка манипулација“.

- Ерменија треба да се откаже од територијалните претензии кон Азербејџан, да престане со воено-политичките провокации и да престане да создава пречки за мировниот процес, се вели во соопштението на азербејџанското МНР.

Ерменија и Азербејџан водеа две војни за суверенитет над планинската територија Нагорно-Карабах населена главно со Ерменци, но меѓународно признаена како дел од Азербејџан.

Последната војна меѓу Баку и Ереван во 2020 година заврши со пораз на Ерменија, која на Азербејџан мораше да му отстапи територии во и околу Нагорно-Карабах.

Тензиите се зголемија во последните месеци поради редовните вооружени инциденти на границата. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан