Еко-Свест: Тетово се гуши во загаден воздух, ниската цена на фосилните горива е прескапа за здравјето
- Невладината организација Еко-свест во рамки на континуираното работење на подигнување на свесноста на граѓаните за аерозагадување алармира дека Тетово неколку години по ред се наоѓа на листат
Тетово, 30 јануари 2021 (МИА) - Невладината организација Еко-свест во рамки на континуираното работење на подигнување на свесноста на граѓаните за аерозагадување алармира дека Тетово неколку години по ред се наоѓа на листата на најзагадени градови во Македонија, при мерење на штетните ПМ 10 честички. Тие потенцираат дека ниската цена на фосилните горива кои најчесто се користат, стануваат прескапи за здравјето на луѓето.
- Вистинската цена на енергијата на фосилни горива останува скриена од вештачко ниските цени и не се земаат предвид еколошките и здравствените трошоци што ги предизвикуваат овие горива. Ние плаќаме двапати за фосилните горива – еднаш кога се користат јавните средства за субвенционирање на овој вид енергија и вторпат кога општеството се занимава со здравствените трошоци поврзани од согорување на фосилни горива. Трошоците за здравјето од загадувањето на воздухот, климатските промени и деградацијата на животната средина ги носи и плаќа општеството, тврдат од Еко-Свест.
Според нив, честички ПМ 10 се меѓу најопасните загадувачи, кои во голема мера влијаат врз здравјето на луѓето поради нивната способност да навлезат длабоко во белите дробови и крвта, предизвикувајќи трајни ДНК-мутации, срцеви напади, болести на дишните патишта и прерана смрт. -Според граѓаните на Тетово загадувањето најмногу се чувствува во ноќните и раните утрински часови. Загадувањето најчесто се случува поради согорување на фосилни горива, често во домаќинствата, транспортот и електричната енергија, велат од Еко-Свест.
Тетово е густо населен град кој се наоѓа во котлина и според тоа има поволна местоположба за движење со велосипед. - Државата мора да имплементира построги и потребни законски регулативи за потемелно решавање на овој проблем, а ние како граѓани да ги преземаме сите препораки и мерки за намалување на нашето негативно влијание врз животната средина во кое живееме. Тетово е место кое најдобро се доживува со велосипед. Токму оваа навика на движење со велосипед е потребна за да се намали загадувањето, но и да го подобриме нашето здравје, а државата мора да имплементира стратегија за како праведно на граѓаните да им се остварени основните потреби, додаваат од организацијата. Еколошката организација потенцира дека во земјата е потребно зголемување на свесноста на граѓаните за главните индикатори, последици по здравјето на човекот и животната средина, начин за подобрување и влијание на нивните секојдневни практитки врз состојбата со амбиеталниот воздух.
Според нив, на светско ниво мерките и новите законски регулативи носат резултати, како и праведен осврт на снабудување со основни потреби во домаќинството. Оваа промена е возможна и во Тетово преку залагање на заедницата и поддршка од државата.ас/бт/