• четврток, 19 декември 2024

Европскиот ден на правдата ќе биде одбележан со конференција за подигање на свеста за бесплатната правна помош

Европскиот ден на правдата ќе биде одбележан со конференција за подигање на свеста за бесплатната правна помош
Скопје, 21 октомври 2022 (МИА) - Од 2019 година за трипати е зголемен бројот на лицата кои побарале бесплатна правна помош. Минатата година ваква помош побарале 3266 лица, додека 203 лица кои ги исполнувале условите добиле бесплатни судски, управни и управно судски постапки. Право на бесплатна правна помош имаат лицата кои се во тешка материјална положба да имаат пристап до правна помош и да бидат ослободени од плаќање трошоци за водење на одредени постапки. Лицата кои имаат потреба можат да добијат примарна правна помош односно информирање, советување, упатување и помош при пополнување на формулари и претставки и таа е достапна за сите лица. Секундарната правна помош опфаќа лица на кои им е неопходно водење судски, управни и управно-судски постапки и кои ги исполнуваат условите определени со закон. Тоа вклучува правна помош за адвокат за застапување и составување на писмено барање, ослободување од судски такси и трошоци поврзани со постапка пред суд, за вештачење и административни такси. Македонското здружение на млади правници е една од организациите кои даваат бесплатна правна помош и тие годишно имаат околу 2000 совети во делот на бесплатната правна помош. Најчесто граѓаните бараат совет доколку го изгубиле правото на пријавување во Агенцијата за вработување, остварување на права од социјална заштита, права од имотно правни односи, во врска со легализацијата, доколку се жртви на семејно или на некое друго насилство. Во делот на секундарната правна помош, има случаи поврзани со заштита од насилство во семејствата, разводи, случаи поврзани со деца итн. Во буџетот на Министерството за правда за бесплатна правна помош се предвидени пет милиони денари, но овие пари не се искористени, бидејќи не е голем бројот на граѓаните кои бараат бесплатна правна помош. Повеќе информации за бесплатната правна помош можат да се добија на www.pravnapomos.mk. Европскиот ден на правдата во земјава годинава ќе биде означен со одбележување на две години од кампањата за подигање на свеста за бесплатната помош во Северна Македонија во организација на проектот на Советот на Европа, Европската унија и Министерството за правда. Обраќање за важноста на бесплатната правна помош за обезбедување на ефективен пристап до правдата за сите ќе има министерот за правда Никола Тупанчески. Централна тема на прославата по повод Европскиот ден на правдата е „Доближување на правдата до граѓаните преку зајакнување на свеста за бесплатната правна помош во Северна Македонија“ за што ќе зборуваат Кристоф Поарел, директор на Директоратот за човекови права во Совет на Европа и Мари-Маделеин Канелопулоу, раководителка на оперативно работење во Делегацијата на ЕУ во Скопје. За улогата на адвокатите во давањето на бесплатна правна помош ќе зборува Љубомир Михајловски, претседател на Адвокатска комора. На Конференцијата што ќе се одржи во вторник на 25 октомври ќе биде презентирани и иницијалните препораки од Анализата за спроведувањето на Законот за бесплатна правна помош и потребата од негова измена којашто се спроведува во рамките на проектот за бесплатна правна помош. ев/сп/

Остани поврзан