• понеделник, 23 декември 2024

„Европскиот воз“ од Скопје пристигна во Солун

„Европскиот воз“ од Скопје пристигна во Солун
Атина, 14 септември 2021 (МИА) – Од Скопје, преку Гевгелија и Идомени, „европскиот воз“ во рамките на „Connecting Europe Express“, кусо по 12 часот пристигна во Солун, каде што го пречекаа заменик-министерот за транспорт и инфраструктура на Грција Михалис Пападопулос и претседателот и извршниот директор на грчката железница Спирос Патерас, јави дописничката на МИА од Атина. Папдопулос рече дека европската година на железницата е „голема можност да се промовира железницата како одржлив, иновативен и безбеден начин на транспорт“ и истакна дека во железничката мрежа, Солун може да стане центар во регионот и порафи географската положба и поради економската динамика. -Визијата за трансформирање на Северна Грција, а особено на Солун во транзитен центар во јужна Европа може да се реализира преку надградба на железничките врски со соседните земји. Ова, можеме да го постигнеме сите заедно, институциите, граѓаните и бизнисите со преземање иницијативи и спроведување активности на европско, национално, регионално или локално ниво, рече заменик-министерот за транспорт и инфраструктура на Грција. Попладнево, возот ќе пристигне во Атина, од каде што утре претпладне повторно ќе се врати во Солун и преку граничниот премин Кулата ќе замине за следната дестинација – Бугарија. „Европскиот воз“ во рамки на „Connecting Europe Express“, што синоќа беше на железничката станица во Скопје, предвидено е да посети 26 земји од Европа. Патувањето го започна на 2 септември во Лисабон, Португалија, а ќе го заврши, на 7 октомври во Париз, Франција. ср/дма/

Остани поврзан