• петок, 22 ноември 2024

Европска ознака за извонредност на владеењето за општина Берово 

Европска ознака за извонредност на владеењето за општина Берово 

Берово, 20 октомври 2023 (МИА) - Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски учествуваше на Меѓународната конференција „Пошироко европско општество: Важноста на локално владеење“. Настанот, како што информираа од општина Берово, е организиран од АЛДА, во партнерство со агенциите за локална демократија во Западен Балкан, Молдавија и Украина, а Пекевски учествуваше како панелист на панел дискусијата на тема ,,Европска oзнака за извонредност на владеењето” – EloGE.

-Општина Берово, со АЛДА, соработува уште од 2009 година, во рамките на процесот за поддршка на децентрализацијата во нашата земја, во соработка со МНР и ЗЕЛС со општини и градови од Долна Нормандија (Франција). Целта на активностите е размена на искуства, взаемна поддршка на разни полиња со Ливаро (образование преку размена на ученици за изучување на францускиот јазик, туризам за Етно плоштад фестивал, комунални дејности, со донација на специјализирано возило за комунален отпад, енергетска ефикасност, рурален развој и слично, информираа од Општина Берово.

Соработката, како што додадоа, продолжува и на други полиња, особено во урбаното планирање и вмрежување на градовите. АЛДА е партнер, кој е препознатлив со канцелариите кои ги имаат во многу европски земји, а општината има можност за партнерство и на проекти од програмата Европа за граѓаните.

-Како општина, нашата соработка за отпочнување на процесот за добивање на Европска ознака за извонредност на управувањето ( ELoGE ), несомнено беше предизвик, но бевме целосно сигурни, дека имаме партнер, кој ќе не поддржи во процесот и секако верувајќи на сопствените капацитети и принципи на работа, велат од општина Берово.

Градоначалникот Пекевски потенцираше, дека отпочнувањето на процесот е резултат на успешно справување со предизвиците на модерното време, и претставува здружен труд,  на него како градоначалник, на општина Берово и на тимот соработници, кои според него неуморно одговараат на сите поставени барања и секојдневно работат во интерес на жителите на општина Берово.

-Ова не охрабрува,  да продолжиме понатаму, со посебен акцент да работиме на подигнување на стандардите, кои се во наша надлежност и со самооценување, да ги детектираме нашите предности и слаби страни. Со сите тие атрибути, општина Берово покажа високо ниво на добро управување, според стандардите на Европа и наградата е она што неминовно доаѓа, додаде Пекевски.

Најави дека општината продолжува и во иднина да работи на принципите на добро локално владеење изразувајќи надеж дека и во иднина општината ќе реализира уште многу успешни проекти. вс/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан