• сабота, 16 ноември 2024

Европската народна партија бара Белери да даде заклетва, Рама: Се работи за резултат на судови, а не на избори

Европската народна партија бара Белери да даде заклетва, Рама: Се работи за резултат на судови, а не на избори

Тирана, 5 септември 2023 (МИА) - Политичкото собрание на ЕПП во Европскиот парламент, кое деновиве се одржува во Брисел, ја усвоило Резолуцијата што ја презентирала грчката Нова демократија каде од албанските власти се бара да дозволат да положи заклетва реизбраниот градоначалник Фреди Белери, кој е во притвор.

На изгласувањето на  Резолуцијата на Европската народна партија, реагираше албанскиот премиер Еди Рама 

-Интересно! Апелираме до албанските власти! Повик без да се прецизира кои органи и секако без да се информира дека проблемот во овој случај не е резултатот на изборите, туку резултатот на судовите, кои веќе го одбија ваквото барање, напиша Рама во објава на Твитер. 

Додава дека би било навистина шокантно доколку големата Европска народна партија донесе резолуција со наслов „Владеење на правото“ за да побара поинаков исход од „оној што го одлучил специјалниот обвинител против корупција и организиран криминал и специјалниот суд со истото име". 

- Овие институции се формирани со целосна поддршка на ЕУ и САД и се тесно помогнати од САД и ЕУ во нивната импресивна работа против корупцијата и организираниот криминал. Доколку е потребно, ние сме повеќе од подготвени да му обезбедиме на високо почитуваното раководство на ЕПП информации за ова прашање во кој било формат и во секое време. Несомнено е дека сите албански власти во голема мера ја очекуваат континуираната поддршка од ЕПП, како силен глас на нашата Европа во оваа историска фаза на промени за нашата земја, посочува Рама.

Премиерот вели дека доколку е потребно, Албанија е повеќе од подготвена да му даде на раководството на ЕПП информации за ова прашање во кој било формат и во секое време.

Порачува дека во неговата земја, конечно, случаите од висок профил темелно се испитуваат што го сигнализира крајот на долгата ера на неказнивост и немањето повеќе привилегии по политичка определба.

Фреди Белери кој беше приведен два дена пред локалните избори што се одржаа на 14 мај под сомнение за изборна корупција, беше реизбран за градоначалник на приморското гратче Химара населено со припадници на грчкото малцинство. 

Тој се уште е во притвор, а барањата да биде ослободен од затворски притвор, за да даде заклетва како градоначалник,  му се одбиени од сите судски инстанци. 

Случајот „Белери“ со посебно внимание го следат грчките власти кои сметаат дека е политички мотивиран и насочен кон грчкото малцинство и поднесоа Резолуција во ЕПП. вт/

Фото: Рама Фб 

Остани поврзан