• понеделник, 23 декември 2024

Европратениците ќе гласаат за забрана на употреба на технологија за препознавање лица

Европратениците ќе гласаат за забрана на употреба на технологија за препознавање лица

Стразбур, 10 мај 2023 (МИА) - Иницијативата за забрана на употреба на технологија за препознавање лица, позната и како „Големиот брат“, на улиците на земјите од ЕУ ќе биде ставена на тест утре за време на клучното гласање во Европскиот парламент.

Амандманот е дел од пакетот предлози за првите закони во светот за вештачка интелигенција, според кои компаниите би можеле да бидат казнети до 10 милиони евра или отстранети од трговијата во рамките на ЕУ доколку ги прекршат правилата, објави „Гардијан“.

Меѓутоа, се очекува на забраната да се спротивстават група европратеници од десниот центар, кои сметаат дека биометриското скенирање треба да се користи за борба против сериозни злосторства како што е тероризмот.

Утре пред собраниската комисија ќе се најде измената на членот 5 од предложениот Закон за вештачка интелигенција, со кој се забранува употреба на камери за следење на луѓето околу продавниците, на улиците, во парковите или на други јавни места.

Амандманот им забранува на компаниите да користат вештачка интелигенција за да идентификуваат поединци преку споредување на лица од камери за надзор со фотографии што корисниците ги објавуваат на Инстаграм, Фејсбук и други социјални мрежи.

Друг амандман ја забранува употребата на таканареченото „емоционално препознавање“, кое би можело да им овозможи на компјутерските системи да препознаат кога некој е уморен, поради загриженоста дека тоа би можело да биде злоупотребено. Таков надзор веќе постои во делови од Кина и го користи сообраќајната полиција. ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан