• понеделник, 18 ноември 2024

Еврогрупата го поддржа изборот на Пјеро Чиполоне за член на Извршниот одбор на ЕЦБ 

Еврогрупата го поддржа изборот на Пјеро Чиполоне за член на Извршниот одбор на ЕЦБ 

Брисел, 15 септември 2023 (МИА) – Советот на министрите за финансии на земјите членки на Еврозоната, познат како Еврогрупа, на денешниот состанок ја поддржа кандидатурата на вицегувернерот на централната Банка на Италија, Пјеро Чиполоне за нов член на Извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ), соопшти Советот на ЕУ. 

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, се очекува Еврогрупата до крајот на месецов официјално да ја достави препораката за избор на Чиполоне до Советот на ЕУ, во кој членуваат шефовите на држави или влади на земјите членки на Унијата. Согласно процедурата, пред да ја усвои својата конечна одлука околу именувањето на Чиполоне, Советот ќе се консултира со Европскиот парламент и со Управниот совет на ЕЦБ. 

Чиполоне во Извршниот одбор на ЕЦБ треба да го наследи неговиот сонародник Фабио Панета, кој најави дека на 1 ноември годинава ќе поднесе оставка на функција на која мина осум години. 

Согласно Членот 283 од Договорот за функционирање на Европската Унија, именувањата на членови на Извршниот одбор на ЕЦБ ги врши Европскиот совет со квалификувано мнозинство од редовите на истакнати професионалци во монетарната или банкарската дејност, по препорака од Еврогрупата, откако претходно ќе се консултира со Европскиот парламент и со Управниот совет на Европската централна банка. 

Извршниот одбор на ЕЦБ, кој е одговорен за спроведувањето на монетарната политика во Еврозоната, е составен од претседател, потпретседател и четворица членови, кои имаат мандат од осум години без право на реизбор.  

Управниот совет на ЕЦБ, пак, го сочинуваат шесте членови на Извршниот одбор и гувернерите на централни банки на земјите членки на Еврозоната. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан