• понеделник, 23 декември 2024

Државниот завод за ревизија од 2010 до 2019 година извршил вкупно 699 ревизии

Државниот завод за ревизија од 2010 до 2019 година извршил вкупно 699 ревизии
Скопје, 17 мај 2021 (МИА) - Државниот завод за ревизија во периодот од 2010 до 2019 година извршил вкупно 699 ревизии, од кои 513 се ревизии на регуларност, 165 на успешност и 21 ревизија на усогласеност. Сите извештаи од извршените ревизии се собрани во една база, од страна на Центарот за граѓански комуникации. Предмет на ревизија на Државниот завод во овие десет години биле вкупно 406 субјекти, а најмногу ревизии, по 63 биле направени врз здравствени установи и единици на локална самоуправа. Според анализата на Центарот за граѓански комуникации, повеќе од една петтина од општините во државава не биле предмет на каква било ревизија од Државниот завод во последните десет години. Ниту една контрола не била направена кај точно 17 локални самоуправи, меѓу кои во Босилево, Пласница, Гевгелија, Демир Капија, Македонска Каменица и Новаци. Кај 63 општини и градот Скопје биле направени 89 ревизии од кои 86 поединечни и три ревизии во кои биле опфатени повеќе општини. Анализата на Центарот за граѓански комуникации, покажува дека сите 15 министерства биле предмет на ревизија во анализираниот период и кај нив биле извршени вкупно 85 ревизии од кои 69 поединечни и 16 ревизии на повеќе субјекти. ДЗР, најмногу, десет пати правел ревизија кај Министерството за животна средина и просторно планирање и тоа шест самостојни ревизии и четири ревизии во кои покрај министерството имало и друг субјект. Од овие десет ревизии три биле на регуларност, а останатите седум на успешност. Најмалку ревизии, односно, само една ревизија на регуларност била направена кај Министерството за внатрешни работи во 2016 година. Според Центарот за граѓански комуникации, 17 проценти од ревизиите биле извршени врз политички партии и коалиции, а дури 117 ревизии на усогласеност или регуларност биле направени на вкупно 56 партии и коалиции формирани за некои од изборите во државава. Од 2010 до 2019 година предмет на ревизија биле и девет државни акционерски друштва. Кај нив биле направени 17 ревизии, од кои најмногу кај М-НАВ, четири ревизии, а 36 ревизии, пак, биле направени кај 25 јавни претпријатија. Предмет на ревизија во периодот од 2010 до 2019 година биле 23 агенции кај кои биле направени 41 ревизија. Секоја година, според анализата на Центарот за граѓански комуникации, односно десет години по ред била правена ревизија врз Агенцијата за вработување и тоа секогаш ревизија на регуларност, освен во 2014 година кога била направена ревизија на успешност. Врз останатите агенции во изминатите десет години биле правени по една или две ревизии, со исклучок на Агенцијата за храна и ветеринарство кај која биле направени три ревизии и тоа две на успешност и една на регуларност. Базата на податоци е подготвена од Центарот за граѓански комуникации во рамки на Проектот за граѓанско учество со поддршка на УСАИД. аа/дма/

Остани поврзан