• понеделник, 23 декември 2024

ДПМ реагира на недоволно учество на неговите членови на домашните книжевни фестивали

ДПМ реагира на недоволно учество на неговите членови на домашните книжевни фестивали
Скопје, 29 септември 2022 (МИА) - Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) реагира поради недоволно учество на негови членови на литературните манифестации што се одржуваат во земјава и поради тоа денеска организираше трибина за  писателите да ги искажат своите мислења и забелешки. Претседателот Христо Петрески рече дека е апсурдно ДПМ, институција која е меѓу основачите на книжевните фестивали, да не биде поканета на Струшките вечери на поезијата, Рациновите средби, Карамановите средби, Прличевите беседи..., особено на тие фестивали што се државни и финансирани од буџетот на Министерството за култура. Смета дека манифестациите имаат право да покануваат кого сакаат, но дека е ред, како што рече, да ја поканат писателската асоцијација што постои 75 години и таа институционално да партиципира. -Оваа трибина е иницирана од членови на ДПМ поради нивни реакции и незадоволства и од личниот третман на писателите, но и на самата институција – Друштвото на писателите. Тие реагираа во ДПМ и преку социјалните мрежи и медиумите поради нивното непоканување. Сметаат дека со години се покануваат само едни исти луѓе на манифестациите, а некои од нив не се ни членови на ДПМ. Не може ДПМ да основа манифестација на која после нема да биде поканета. Тоа се апсурди и токму затоа денеска сакаме - не да фрламе дрва и камења, зашто некои од манифестациите имаат и скромни буџети, туку целта ни е ДПМ да воспостави соработка и кохезија со нив и да им помогне. Да ги организираме нивните програмски содржини, зашто писателите не само што ќе настапат, туку се и искусни во организирањето на книжевни настани. Но, услов за тоа е да бидат поканети, изјави Петрески. Соопшти дека имаат предлог една третина во управните одбори,  жири-комисиите и учесници на фестивалите да бидат членови на ДПМ, а исто така и да потпишат посебни спогодби со секоја книжевна манифестација. Писателот Трајче Кацаров, еден од иницијаторите на трибината, кој во медиумите го актуализираше ова незадоволство од третманот, праша како е можно тој, како  годинашен лауреат на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема, да не биде поканет да учествува на Струшките вечери на поезијата. -Жирито за наградата што ја добив е од Институтот за литература. Има ли над него повисока инстанца што ќе одреди дали некој ќе биде таму. Тоа е нонсенс, а поканети се некои анонимуси што никој не ги знае. Ги упропастивме Струшките вечери – не можеш да каниш познат автор од Србија и анонимус од Македонија. ДПМ го има формирано фестивалот и сега, со години наназад, СВП ги избегнува писателите за да може да си направи тезга. СВП се дуќанче на нечија партија, рече Кацаров, кој  покрај со творештво, 30-ина години го уредува и издава списанието за уметност „СУМ“. Директорот на Струшките вечери на поезијата Тодорче Тасевски, пак, ги негираше тврдењата на ДПМ, смета дека се работи за изрази на лични незадоволства што не би ги прифатил и рече дека СВП како и досега и натаму ќе соработува со ДПМ. Посочи дека во одборите за доделување на наградите се претежно членови на Друштвото. -Со моето именување на позицијата директор, иако немав формална обврска, воведов пракса претседателот на ДПМ да биде член на Советот на доделување на „Златниот венец“. Во Управниот одбор на СВП имаме членови на ДПМ, во Уметничкиот совет исто така. Јас го зголемив повеќекратно и бројот на домашни автори кои читаа на главните поетски читања  - „Мостови“ и „Меридијани“. Секоја година покануваме реномирани автори – и членови на Друштвото, но и оние кои не се членови и така ќе продолжиме. УО на СВП ги разгледува сите предлози на поканети, така што ова се веќе изрази на лично незадоволство. Прифаќам евентуални пропусти дека некои од писателите не се поканети, но не е точно дека не се канат членови на ДПМ. СВП е меѓународен фестивал и првенство имаат автори од странство, но и покрај тоа, во рамки на моите буџетски можности настојувам да поканам и што поголем број македонски писатели, рече Тасевски. хс/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан