• петок, 22 ноември 2024

До крај на денот ќе се санира патот кон отсеченото кривопаланечко село Нерав

До крај на денот ќе се санира патот кон отсеченото кривопаланечко село Нерав

Крива Паланка, 15 јуни 2023 (МИА) – Делот од регионалниот патен правец Крива-Паланка-село Огут-село Нерав што од синоќа поради обилните врнежи и надојдената река е однесен, ќе биде саниран до крајот на денот, информира раководителот на секцијата на ЈП Македонија пат-Крива Паланка, Боби Димитровски.

Сообраќајот на патот помеѓу селата Огут и Нерав од синоќа е во прекин, а отсечени се околу 100-тина жители на Нерав, оддалечено 34 километри од Крива Паланка.

- Целокупната расположлива механизација и човечки ресурси од рано изутрина се на терен, сите сме вклучени во активностите за што поскоро канализирање на надојдената вода од долот, за санација на делот од патот што водата го има однесено, ќе работиме до доцна вечерва за да се нормализира и непречено да се одвива сообраќајот на патот, вели Димитровски.

Општина Крива Паланка е погодена од поројните врнежи деновиве, активни се над десет свлечишта во градот, а денеска градоначалникот Сашко Митовски, воведе привремена забрана за сообраќај на три патни правци поради настанатите свлечишта.

-Поради санација на свлечиштата донесовме решение за привремена забрана на неколку улици во градот, имајќи го предвид Законот за безбедност во сообраќај на патиштата. Привремена забрана за движење моротни возила, освен интервентни, е воведена на: патен правец Крива Паланка-село Кошари, приклучок со ул.Св.Јоаким Осоговски- Саат маала, крак од улица „Моша Пијаде“ и дел од ул.„Калин Камен“ до ограден ѕид над СОУ „Ѓорче Петров“. Сообраќајот на сите наведени патни правци е во привремен прекин пред се од безбедносни причини, рече Митовски.

Апелира граѓаните да имаат разбирање и доследно да ги почитуваат забраната и поставената сообраќајна сигнализација за ограничување на движењето. ид/цр

Фото: ЈП Македонија пат-Крива Паланка

 

 

 

Остани поврзан